Муцунски на средба со Герапетритис – во фокусот билатералната соработка, економијата и инвестициите

Поздрав од Атина – билатералната соработка, економијата и инвестициите во фокусот, напиша на Инстаграм министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски непосредно пред средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис во Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На објектот на грчкото МНР што се наоѓа во центарот на Атина веднаш спроти Парламентот, развиорено е македонското знаме заедно со грчкото, а шефот на дипломатија пристигна пеш и на влезот беше пречекан од Герапетритис.
Денешната посета е прва работна посета на Муцунски на Атина, а по средбата, во 14 часот по локално време двајцата министри ќе имаат изјави за медиумите.
Шефот на дипломатија во постот на Инстаграм, пропратен со фотографија од пред грчкиот Парламент, информираше дека по средбата во грчкото МНР, заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе се сретнат со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно инвестира и работи на нашиот пазар. Муцунски се осврна и на претстојните, како што напиша, значајни активности.
– Учество на министерски состанок во Истанбул, каде што на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе се сретнеме со колегите од целиот регион. А неделата е резервирана за Илинденската коњаница во славното и патриотско Горно Лисиче, напиша Муцунски.