Муцунски на работна вечера за Украина во Дубровник

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, присуствуваше на работна вечера посветена на Украина – важен политички формат на кој, како регион, уште еднаш беше потврдена силната и недвосмислена поддршка за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во согласност со принципите на меѓународното право, соопшти Министерството.
Во обраќањето, министерот Муцунски јасно ја истакнал континуираната поддршка и солидарност што Република Северна Македонија ја дава за Украина, како и подготвеноста да продолжи со оваа поддршка и во иднина, во партнерство со сојузниците.
Особено го поздравил усвојувањето на заедничката декларација со која беа потврдени заложбите за итно запирање на воените дејствија, пронаоѓање решение преку дипломатски преговори, ревитализација на енергетскиот сектор на Украина, како и обезбедување одговорност за извршените злосторства преку неодамна формираниот Специјален трибунал за злосторство на агресија против Украина.
Министерот Муцунски истакнал дека Северна Македонија останува цврсто определена за поддршка на Украина и нејзините напори за зачувување на слободата, демократијата и европските вредности. Во своето обраќање изразил увереност дека состаноци во ваков регионален формат можат да бидат од голема корист за Украина, особено во контекст на определување на следните чекори што би воделе кон постигнување праведен и траен мировен договор и ставање крај на руската агресија.
Инаку, Дубровник Форум изгради репутација на значајна платформа за меѓународен дијалог, нудејќи простор за размена на ставови и дебата за најважните геополитички и безбедносни предизвици. Секоја година, темите на форумот се поставуваат во контекст на актуелните глобални случувања, придонесувајќи кон формирање на посигурен, поправеден и поконструктивен меѓународен поредок.
На маргините на форумот, министерот Муцунски оствари одвоени билатерални средби со своите колеги – шефовите на дипломатија на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ; на Косово, Доника Гервала-Шварц; на Грузија, Мака Бочоришвили; и на Молдавија, Михај Попшои.