Муцунски на минусни температури им ги уништи засолништата на бездомните кучиња во Аеродром

Здружението за заштита на животните Анима Мунди реагира на одлуката на градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на минусни температури да им ги уништи засолништата на бездомните кучиња во населбата, за кои совесните жителите на Општина Аеродром вложиле сретства да ги направат и да им обезбедат засолниште од зимата.
-Наместо да го следи примерот на поранешни градоначалници, кои донираа материјали и отстапуваа простор за активистите да направат куќарки за овие несреќни животни, Мицунски без трошка совест и хуманост постоечките засолништа ги фрли во отпад! Градоначалнику, дали навистина мислите дека со отстранување на тие куќарки се решава проблемот со бездомните животни во населбата? Дали вие сте градоначалник само на жителите во општината што мрзат животни? Имајте на ум дека Општина Аеродром, како една од најголемите општини во Скопје има и еден од најголемите проценти на љубители на животни.
Бараме градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски да ги замени овие куќарки со нови, подобри, на сметка на општината. Бараме општината да биде исто толку ефикасна и експедитивна за создавање, колку што беше во уништување на куќарките. Бараме, исто така, градоначалниците на сите општини да престанат да вршат притисок врз ЈП Лајка за заловување на домашните бездомни кучиња без соодветни докази за поднесена пријава за агресивност бидејќи со ова се попречува нејзината главна дејност – намалување на бездомната популација на кучињата, стои во реакцијата на Анима Мунди.