Муцунски ја откажа презентацијата во собраниска комисија, таа за амбасадорите не е ни закажана

Според претседателот на Комисијата за надворешна политика Муса Џафери, МНР сѐ уште не побарало да се закаже седница за идните амбасадори, а амбасадите се празнат


Фото: Б. Грданоски

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски им закажа, па им откажа на членовите на собраниската Комисија за надворешна политика. Утре тој требаше да им презентира каде водат потезите од неговата надворешна политика, каде оди, со кого се среќава, што презема да се одблокира евроинтеграцијата на Македонија, да се среди спорот со Бугарија и што прави внатре во МНР. 

Ова требаше да биде прво појавување на шефот на дипломатијата пред пратениците откако пред девет месеци ја доби функцијата, и тоа проширена со надворешна трговија. Исто така, ова требаше да биде прво демонстрирање колку оваа влада е транспарентна во надворешната политика, откако ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите тврдејќи дека претходната влада на СДСМ и ДУИ не ги консултирала за преговорите со Бугарија и за таканаречениот француски предлог, што тие го оценија како катастрофа и најавија дека ќе испреговараат подобар.

Неделава во ОН Македонија не го поддржа правото на Палестина на самоопределување, нешто што се случува за првпат од времето на бивша Југославија и што не го направи никој во регионот, а тој пресврт во политиката Муцунски ниту го најави пред да се случи, ниту пак го објави откако се случи, слично како што постапи и околу резолуцијата за Украина во ОН и ненајавената посета на Вашингтон.   

Деновиве, кога јавноста му ги брои посетите на странски функционери (две!) и неговите средби надвор од Македонија, како дел од општото мртвило во надворешната и евроинеграциска политика, станува тема и дилемата  – зошто власта ги празни амбасадите на Македонија низ светот кога нема подготвени кандидати за да ги прати потоа.

Според претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието, Муса Џафери, МНР сѐ уште не побарало да се закаже седница за идните амбасадори, откако самата ВМРО-ДПМНЕ со автентично толкување го направи преставувањето на идните амбасадори во парламентот задолжително. Практично, девет месеци откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ и откако затекнаа повеќе празни амбасади, четири месеци откако беа пуштени во јавноста имиња на први кандидати за амбасадори, ниту еден сѐ уште не е во процедура во Собранието.

Практично Македонија во моментов нема амбасадор на најважното место, во НАТО, нема амбасадор во ОН (и во Њујорк и во Женева), во Јапонија, во Рим, во Катар, во Астана, во Киев, во Париз, а од крајот на месецот ќе нема и во Прага, во Софија, во Стразбур, во Канбера, во ОБСЕ во Виена, во Лондон, во Атина, во Копенхаген, во Ватикан и во повеќе други земји.

Ако се отвори страницата на МНР практично ќе се види целата конфузија околу амбасадорите, бидејќи од неа не може да се дознае каде има или нема амбасадор, кој сѐ уште е таму, а кој е вратен.

Според она што се знае, со амбасадорите што добија наредба да се вратат предвреме бидејќи немале презентација во парламентот, празни ќе бидат 24 амбасади, а до крајот на јуни ќе се испразнат уште неколку, така што ќе бидат над 30. Односно над половина од вкупно 51 амбасада ќе бидат празни. Иако во јавноста се вртат имиња на можни идни амбасадори, она што е сигурно е дека од јануари се во процедура само четворица кандидати, така што е необјасниво зошто се чека да се вратат претходните за да бидат подготвени новите.

Според она што е потврдено официјално, за Париз треба да замине Игор Николов, доктор и партиски член на ВМРО-ДПМНЕ, за Киев Димитар Блажевски, во Јапонија по вторпат ќе биде амбасадорка Андријана Цветковиќ, а во Хрватска треба да замине Драган Ѓурчевски, исто така партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ и бивш директор на Агенцијата за млади и спорт во нивно време.  Кога – е вистинското прашање, иако вака како што се води надворешната политика можеби е и подобро амбасадите да останат празни и со фалш дипломатијата да не се прави штета на Македонија. (С.Ј.)