Муцунски ја координира понудената помош од странски земји


Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски им изрази благодарност на сите странски влади што понудија помош околу трагедијата во Кочани и најави дека им стои на помош за координација со надлежните институции.

-Тежок и тажен ден за државата.Нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија.На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите им изразувам најдлабоко сочувство и сила да ја издржат оваа незамислива загуба.

Утрово остварив телефонски разговор со моите колеги од повеќе земји, кои изразија искрено сочувство за несреќата во Кочани и ја понудија својата поддршка и капацитети на располагање на нашата држава. Веќе сме во координација и комуникација со нашите соседи и меѓународни партнери за обезбедување соодветна помош, согласно потребите на пациентите и проценките на стручните медицински лица.

Изразувам искрена благодарност за понудената поддршка и помош, како и за солидарноста што ја покажаа нашите пријатели во овие тешки моменти.Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање за секоја неопходна поддршка и помош, во координација со надлежните институции, стои во статусот на Муцунски.

Во врска со трагичната несреќа што се случи утрово во Кочани, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој редовно ја следи состојбата и координира со надлежните институции.

„За сите информации, на располагање е дежурниот телефонски број 075/273-732. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање за секоја неопходна поддршка и помош“, велат од МНР.