Муцунски до Филипче: Преговорите со ЕУ никогаш не почнаа


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вели дека преговорите со ЕУ никогаш и не почнале за да бидат блокирани. Тој со тоа му реплицираше на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој изјави дека Муцунски зборова само за роаминг и ништо друго.

„Венко Филипче денеска повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа“, напиша Муцунски на Фејсбук.

„Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.

Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика“, пишува Муцунски на неговиот Фејсбук профил.