Муцунски до ДУИ: Само кога сте на власт сте Европејци!

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски упати остар одговор на критиките од неговиот претходник Бујар Османи, обвинувајќи го за политички двојни стандарди и користење на соживотот како инструмент за партиски притисок.
„Интересно е како некои личности, кога се на власт, се прогресивни Европејци, а штом ќе дојдат во опозиција, одеднаш стануваат апостоли на дестабилизација и поделби.
Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски. Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или било каква друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува „проблем за соживот“.
За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата. Ние, во меѓувреме, работиме да ја поправиме штетата што ја оставивте – дома и надвор. Со работа, со принципи, со почит. Не со закани и манипулации. Демократијата не е валидна само кога сте дел од власта. А граѓаните веќе го кажаа своето – јасно, на избори. Јас верувам во соживот, во дијалог, и во иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок. За разлика од него, секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска“, напиша Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.