Муцунски денес во Атина, ќе се сретне со грчкиот колега Герапетритис


Фото: Б. Грданоски

Економската и енергетската соработка, инфраструктурното поврзување, ЕУ перспективата на регионот, но и актуелните геополитички случувања, се очекува да бидат во фокусот на денешната средба во Атина на министрите за надворешни работи Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на дипломатијата е во прва работна посета на Атина, а напладне ќе биде примен од неговиот грчки колега, по што во 14 часот по локално време двајцата министри ќе имаат изјави за медиумите.

– Во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување. Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во пресрет на средбата.

Високи грчки дипломатски извори, како што вчера објави МИА, посочија дека станува збор за навистина важна средба, но и дека Герапетритис и Муцунски имаат развиено „исклучително функционални односи“, дека имаат редовна комуникација и во обид, како што рекоа, да ги ограничат потенцијалните тензии по изборите кај нас.

Додадоа дека за Атина, Скопје е клучен сојузник и директен и важен сосед, но и дека Грција е силен поддржувач на нашата земја, објаснувајќи дека тоа го покажа и во пракса и на ниво на цивилна заштита со пожарите, на и по трагедијата во Кочани, а поддршката ќе продолжи и во иднина. 

Герапетритис и Муцунски во Грција се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на Економскиот форум во Делфи.