Муцунски демантира дека постои договор со Британија за прифаќање мигранти

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, попладнево преку објава на својот Фејсбук профил вели дека нема никаков договор со Велика Британија за прифаќање мигранти и тие наводи ги оквалификува како дезинформации.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го повика министерот Муцунски најдоцна до утре да ја информира јавноста дали се разговара со Велика Британија за лоцирање на мигранти во нашата земја. Филипче ова го кажа коментирајќи го објавениот текст во „Политико“ дека Британија е сè поблиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан.
„Во целост ја отфрлам дезинформацијата дека Владата или Министерството за надворешни работи и надворешна трговија разговарале или склучиле било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти. Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера“, вели Муцунски во објавата.
Муцунски потенцира дека ваквите шпекулации се неосновани, штетни и служат исклучиво за дневнополитички поени.
„Наместо ширење лажни вести, очекуваме сите политички чинители да се држат до фактите и да покажат минимум одговорност. Ваквите изјави, за жал се израз и на целосно непознавање на состојбите и на тековните дипломатски ангажмани на државата. Со Обединетото Кралство имаме стратешко партнерство засновано на заемна доверба, политичка, економска и безбедносна соработка, а не на шпекулации и сензационализам, напиша Муцунски во објавата.
Филипче денеска рече: „Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали разговара за тоа мигранти да се носат во нашата земја. Треба да каже има ли тоа некаква врска со тој пакет со заемот од седум милијарди евра? Има ли некаква врска? Условена ли е Владата за тие пари, да го направи тоа?“