Муцунски демантира дека отповикува амбасадори преку мејл


Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

Во врска со информациите што утринава беа објавени на дел од интернет порталите, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија тврди дека станува збор за неточни наводи кои воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба.

„Во однос на постапката за отповикување на определен број амбасадори, информираме дека Министерството е во редовна и континуирана комуникација со кабинетот на претседателот на државата. Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување.

Министерството нагласува дека целата институционална координација и комуникација, вклучително и онаа со дипломатско-конзуларните претставништва, се одвива исклучиво преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта.

Воедно, укажуваме дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат фабрикувани и неточни фотографии од наводна е-маил комуникација меѓу вработени во Министерството. Со цел расчистување и соодветно процесуирање на овие појави, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе достави пријава и побара интервенција од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.

Во оваа прилика ги повикуваме медиумите пред објавување на било каква информација поврзана со надлежностите и работата на Министерството, претходно да ја проверат нејзината автентичност и веродостојност“, стои во реакцијата на МНР.

Инаку, реакцијата најверојатно се однесува на мејлот што се врти во јавностра во кој наводно таткото на Муцунски, кој е и негов советник во кабинет, им дава упатства на вработените што доаѓаат во канцеларијата на „мојот син“. Муцунски практично го потврди тоа подоцна на седница на Собранието објавувајќи дека поднел кривична пријава против тие што објавувале вакви непостоечки мејлови од неговиот татко, а наедно ја повика ДКСК да утврди дали има конфликт на интереси, во смисла дали неосновано го унапредил или му дал други привилегии. Тој притоа рече дека неговиот татко е професионален дипломат во МНР од 1988 година, дека слуѓбено звање има од 2001 година а дипломатско  од 2016 година, така што критиките за конфликт на интереси ги насочи кон тие што го унапредувале тогаш. Патем, во времето кога Никола Димитров беше заменик министер во МНР и потоа амбасадор во САД, а неговиот татко амбасадор во Москва, за да нема конфликт на интереси Димитар Димитров беше отповикан од амбасадорската функција.