Му подготвува ли Ахмети „свилен гајтан“ на Меџити?


Му подготвува ли Ахмети „свилен гајтан“ на Меџити? – е дилемата што се јавува откако лидерот на најголемата политичка партија на Албанците го именуваше шефот на дипломатијата Бујар Османи како координатор за политички процеси во чаирскиот огранок на ДУИ – финкција непозната досега во охранокот. Иако Османи молчи, одлуката ја потврди вицепремиерот Артан Груби кој преку Фејсбук профилот му посака успех на новата партиска функција и добро координирање на активностите на ДУИ во Чаир.Сега се поставува прашањето кој всушност ќе го има главниот збор во овој огранок – Османи или Меџити и дали тоа е отворање врата за протерување на „огнетите“ од партијата, откако нивните гласови Ахмети ги супституираше со гласовите на Алијансата за Албанците а се погласно се зборува и за политичка соработка натаму со БЕСА.

„Покрај онаа на претседателот, Бујар ја има и мојата поддршка во овие напори за повторно активирање на структурата во Чаир, по три години отсуство на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во огранокот. Ве повикувам сите да се придружите со сите ваши идеи и акции за посилна и пообединета ДУИ во Чаир“,пишува Груби на Фејсбук.

Вчера во дел од медиумите првично се појави информација дека претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“, е разрешен од оваа функција на иницијатива на лидерот на партијата Али Ахмети. Меџити ја демантира ваквата информација.

„Не сум разрешен. Јас сум избран во легална процедура и низ редовна кампања и имам мандат како претседател на огранокот“, изјави вчера Меџити.

Сепак, според информациите во дел од медиумите, наводно не станува збор за смена на Меџити од претседателската функција во чаирскиот огранок, туку за поставување на Османи на функцијата координатор за политички процеси во огранокот на ДУИ. Коментирајќи во оваа насока, Меџити изјави дека таквата одлука е смешна и нелегитимна бидејќи според Статутот на партијата не постои функција координатор за политички процеси и за такво нешто не се дебатирало во ниту едно партиско тело.

Во ваквите пораки претседателот на огранокот Изет Меџити гледа само продлабочување на внатрепартиските проблеми на ДУИ.

Не ме загрижува персоналното решение, туку недемократскиот чин. Ова е ад хок одлука која не и помага на ДУИ да оди во вистинска насока. Со инаети и реваншизам не одиме напред, туку напротив – правиме уште подлабоки поделби- оцени Meџити.