МСУ доби околу 5,8 милиони денари за 26 проекти од годишната програма


Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура годинава за првпат додели делегиран буџет на 18 национални установи, а МСУ доби 5.842.370 денари (околу 94.500 евра), рече денеска директорот Тихомир Топузовски.

Во годишната програма се вклучени 26 проекти: 11 проекти се од музејска дејност и заштиа на нематеријалното културно наследство, 12 проекти се од областа на визуелна уметност и архитектура, 1 проект од областа на меѓународна дејност-вмрежување со сродни институции, 1 проект од областа литература и издавачка дејност и 1 проект од областа на инвестициско одржување и адаптација.

Меѓу уметниците кои ќе изложуваат се Ибрахим Мајама, Џем А., Оливер Мусовиќ, а ќе има и 3 групни меѓународни изложби: „Сѐ што ни е заедничко“, „Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“ и реципроцитетната изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“.

Топузовски кажа дека и годинава продолжуваат турите како Музејски водич, Тура на инклузивноста и Современа уметност на сите, како и дека со музејските тури се зголемила посетеноста на Музејот.