Мршиќ: Околу 70 отсто од сегашните вработени ќе земаат помали пензии од онаа што би ја имале во едностолбниот систем
Симулациите за висината на пензиите на осигурениците од двостолбниот систем со пониска плата од просечната, а такви се 70 отсто од сегашните вработени, покажуваат дека тие ќе бидат пониски од пензиите што би ги оствариле во првиот столб. Ова го изјави универзитетската професорка Јадранка Мршиќ во интервју за порталот Пари, во кое вели дека еден од проблемите на македонската економија е високата неформалност на трудот што влијае и на пензискиот систем кој е заснован на придонеси и ги исклучува неформалните работници.
„Проблем на пензискиот систем е и тешкотијата да се постигне зголемување на задолжителните придонеси што се уплаќаат на индивидуалните сметки во капитализираниот пензиски систем, со што се оневозможува зголемување на пензиите од вториот столб. Постојните стапки на придонес се намалија и останаа непроменети во тек на неколку години, наспроти порастот на очекуваното живеење после пензионирање. Како резултат, исто ниво на пензиска заштеда од вториот столб треба да финансира зголемен период на користење пензија“, вели Мршиќ.
Професорката Мршиќ е одличен познавач на пензискиот систем кај нас – таа беше вклучена во реформите кои вклучуваа три столба – државен, задолжителен приватен и доброволен. Таа беше и генeрална директорка на КБ Првиот пенизски фонд.
Мршиќ нагласува дека пензискиот модел мора да претрпи корекции затоа што многу работи се сменија од неговото воведување. Според неа за финансиска одржливот на системот треба да се зголемат приходите – со подигнување на стапката на пензиски придонес и да се намалат расходите – преку зголемување на возраста за пензионирање, рационализирање на раното пензионирање и избегнување на еднократно зголемување на пензиите надвор од формулата за нивно усогласување.
Таа во интервјуто вели дека комбинираното усогласување на пензиите, познато како швајцарска формула, кое ги користи еднакво (50% : 50%) двата главни фактори – порастот на цените и на платите, треба да се врати во регулативата и во праксата.