Мрачни предвидувања – германската економија ќе падне за 20 отсто
Институтот Ифо предвидува дека 1,8 милиони Германци ќе останат без својата работа
Кризата со корона вирусот може да предизвика намалување на германската економија до 20,6 проценти оваа година, исушувајќи стотици милијарди евра од јавниот буџет, соопшти минхенскиот институт Ифо во студијата објавена во понеделникот.
„Се очекува трошоците да надминат сè што е познато во Германија, од економска криза до природни непогоди во последните децении“, рече претседателот на Ифо, Клименс Фуест.
Во зависност од должината на нарушувањето, институтот проценува дека загубите ќе се движат од 7,2 проценти за двомесечен период до 20,6 процентни поени според најлошото сценарио за тримесечен прекин. Институтот проценува дека економските трошоци за тоа би се движеле од 255 милијарди на 729 милијарди евра.
Големи компании, вклучително и „Фолксваген“ и БМВ, најавија затворање на погони како дел од напорите да се запре ширењето на вирусот, додека затворањата ја намалија побарувачката на потрошувачите.
Најдоброто сценарио на институтот е дека намалувањето на економијата ќе биде 60 проценти за два месеци, пред да скокне до 80 проценти во третиот месец и да се врати во нормала во четвртиот. Ова претпоставува дека ширењето на корона вирусот може да се намали до средината на летото.
Кризата, исто така, ќе предизвика дупка од 200 милијарди евра во јавниот буџет. Околу 1,8 милиони работници би можеле да ги загубат своите работни места, соопшти Ифо.
Министрите за економија и финансии во Германија ветија дека ќе го задржат ритамот на економијата без оглед на трошоците.
Но, минатата недела берлинскиот Германски институт за економски истражувања рече дека „речиси е неизбежно“ кризата да предизвика националната економија да влезе во рецесија во 2020 година. (Политико)