МПЦ се надева дека СПЦ многу скоро ќе испрати предлог до Цариград за нејзина автокефалност
Синото на МПЦ-ОА одлучи да ја прифати поканата од СПЦ утре да има заедничка литургија во Белград
Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја прифати поканата на Српската православна црква за одржување литургија на помирување утре во храмот „Свети Сава“ во Белград.
„Ја прифативме поканата од српскиот патријарх, односно Соборот на Српската православна црква за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава“, изјави денеска портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј.
Тимотеј денеска по координативниот состанок на Светиот синод во врска со одлуката на СПЦ за прогласување канонско единство со МПЦ-ОА, посочи дека МПЦ на литургијата ќе ја предводи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и тројца митрополити во ранг на најстарите, во придружба на неколку нивни соработници.
Тимотеј изјави дека се надева оти до крај на месецов Српската православна црква до Вселенската патријаршија ќе испрати предлог за автокефален статус на МПЦ.
„Црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки. Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус, што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа вселенскиот патријарх да издаде томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ“, рече Тимотеј.
Според него, „сето ова што се случува е чекор напред. Ние баравме автокефалност“.
На прашање дали ќе сослужуваат со вселенскиот патријарх тој рече дека архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан му испратил писмо во кое му се заблагодарува за неговиот чекор и ја потврдува поканата дека на Педесетница ќе патува во Цариград.