Можноста за онлајн изјаснување на пратениците на пленарна седницата


И покрај различните ставови на владејачкото мнозинство и опозицијата, предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, се најде на дневен ред на 22. седница кој треба да започне денеска. По неколку недели, според информациите од Собранието, се очекува мнозинството да има доволен број пратеници, 61 за негово носење, бидејќи неколкумината позитивни од Ковид-19 или во самоизолација неделава се вратиле на работа.

Со предлогот се предвидува пратеници со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација да можат да се изјаснуваат на пленарни седници и на седници на собраниските комисии, а го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери. Речиси ист предлог во јавноста соопшти во средината на октомври и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. И тогаш и сега, опозициските партии беа против ваквото решение посочувајќи дека тоа е противуставно и дека со ова се сака да се покрие тенкото мнзоинство на власта во Парламентот. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива не соопштија дали ќе присуствуваат на денешната седница, но по ставањето на седница на предлогот од страна на Џафери најавија дека нема да присуствуваат на координациите со него и на одредени седници на Собранието.

Џафери пред два дена во изјава за МИА истакна дека опозицијата навремено била запозната со идејата за предлогот за работа на далечина на пратениците во случај на Ковид-19 и самоизолација потенцирајќи дека дополнувањето се однесува само на пратеници кои ќе имаат решение од соодветна институција и доколку состојбата им дозволува да се вклучат онлајн, односно ако се асимптоматски случаи или со лесни симптоми на домашно лекување.

– Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата, изјави Џафери за МИА

Според него, за да се понуди соодветен одговор за функционално Собрание, треба да се има политичка волја.

Според Џафери, предлогот, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење, треба да помине на Комисија, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница, така што не се знае точно кога би бил донесен.

Тој потврди дека дополнувањето на Деловникот, владејачкото мнозинство би можело да го донесе и без поддршка на опозицијата, бидејќи има потреба од такво нешто. Образложувајќи го овој став Џафери потенцираше дека има работи и закони кои се условени од пандемијата со Ковид-19 и треба да бидат изгласани додавајќи дека недавањето поддршка од страна на опозицијата за нив не е во нивен прилог.

Претседателот на Собранието, кој е и предлагач на дополнувањето, рече дека доколку опозицијата има забелешки треба да ги достави и тие да се разгледаат.

– Ако имаат укажувања, коректно е да ги кажат, вели Џафери, нагласувајќи дека одредени забелешки е подготвен да ги стави во текстот.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски предлогот е противуставен, а 62 пратеници не се доволни за функционално Собрание. Тој во вторникот не кажа како ќе делуваат пратениците на опозициската партија на седницата и дали ќе учествуваат во нејзината работа.

– Деловникот се носи консензуално. Гледаме еден обид да се направи нешто надвор од консензуален договор. Очигледни се реакциите на сите пратенички групи од опозицијата од една и единствена причина затоа што бројката од 62 пратеници не е доволна за функционално работење на Собранието и во нормални услови, а не во ваква ситуација. Единствена причина поради која што се брза за работа со онлајн Собрание е затоа што немаат функционален број на пратеници за да можат да работат, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Според него, Собранието има доволен број пратеници во секој момент.

– Ние немаме никогаш помалку од 115 пратеници на собраниска седница. Потребен е дијалог да се седне и да се види кои се приоритетите во Собранието за работа. Тие закони кои се поврзани со здравствената и со економската криза, ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група, а сигурен сум и дека сите опозициски партии, ќе ги поддржат. Меѓутоа, внесувањето на ваков начин спротивно на Уставот, на онлајн гласањето, е за да поминуваат други закони кои не се поврзани со овие прашања, рече тој.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески уверува дека станува збор за предлог што се однесува само на пандемијата со Ковид-19.

– Станува збор за оваа ситуација, и станува збор за пратеници кои имаат решение за изолација. Не постои друга заразна болест каде што има изолација. Значи станува збор за пратеници кои имаат исклучиво решение за изолација. Јас во претходниов цел период нон стоп, во секоја изјава повикувам да обезбедиме консензус затоа што станува збор за носење на Деловник, во смисла на тоа како што прават сите деморатски земји. Нон стоп повикуваме или нема одговор, или има смешен одговор дека е противуставно. Сега пред граѓаните треба да кажеме јасно, или сме за ова или сме за блокирано Собрание, истакна Митрески.

Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива за МИА изјави дека тие се против каква било форма на онлајн работа на Собранието, кој предупреди дека тоа не е во согласност со законите и Уставот на државата.

Според него, зад можноста за онлајн гласање владејачките партии сакаат да го прикријат и онака кревкото мнозинство во Парламентот.

– И во други случаи порано пратеници изостанувале од работата на Собранието, вели координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива.

Како што беше соопштено, во изминатите неколку недели поради здравствени причини од работата на Собранието отсуствуваа шестмина пратеници, а од почеток со работа на овој собраниски состав неколку пати имаше пратеници позитивни на ковид-19 и во самоизолација.