Можно е да има расправа за уставните измени, а гласањето да се одложи

Пленарната седница за уставните измени треба да трае најмногу 10 работни дена, но чинот на гласање не е врзан за последниот ден


 

Расправа за уставните измени на 18 август ќе има, но можно е да нема гласање – е најавата од спикерот на парламентот, Талат Џафери, по информациите од партиите дека ако дотогаш не се обезбедат потребните гласови, гласањето за потребата од уставни измени да се одложо, додека не се создада услови да успее.

„Можно е за уставните измени кога ќе дојдат на пленарна седница да се исцрпи расправата, но да се одложи гласањето додека не се обезбеди потребното мнозинство од 80 гласа“, изјави денес Џафери на брифинг со новинарите, додавајќи дека тоа ќе зависи од моменталната состојба.

„Сѐ зависи од моменталната состојба односно дали ќе има обезбедено 2/3 мнозинство. Ова не е ништо ново бидејќи имало вакви случаи и за закони“, додаде Џафери, објаснувајќи дека деловникот тоа го дозволува.

Пленарната седница за уставните измени треба да трае најмногу 10 работни дена, но ако се повтори сценариото од уставната комисија, може да заврши многу побргу. Сепак, чинот на гласање не е врзан за последниот ден.

Запрашан дали има краен рок до кога може да се тактизира со уставните измени, Џафери рече дека тоа не зависи од него. Тој ја отфрли притоа можноста неуспехот на оваа процедура за промена на Уставот да предизвика предвремени избори во земјата, со објаснување дека уставните измени не се предуслов за предвремени избори, а ако некој сака да се случи тоа – треба да иницира постапка за распуштање на Парламентот така како што пропишуваат регулативите.

Тој негираше дека воопшто има и некоја иницијатива од неопходните за да се организираат изборите, како укинувањето на Пржинската влада и рокот од 100 дена техничка влада и  именувањето на нов член во ДИК од страна на албанската опозиција (според него Беса и Алтернатива не можат да дефинираат чиј, а сега има и нови кандидати со ситнењето на албанските партии).

Исто така, освен известувањето од Басри Бајрами дека ќе дејствува како независен пратеник, нема добиено официјално известување од другите што се отцепија од матичните партии, така што политичката сцена е прилично нејасна.

Во Собранието, според Џафери не е стигната ни декларацијата за Илинден од СДСМ иако толку гласно се најавуваше, а место тоа, пратениците ќе одат на летен одмор од 31 јули и последната координација ќе ја имаат в понеделник. (Н.В.)