Можна лажна изјава на кандидатката Тасевска го поништи огласот за ДКСК


Можна лажна изјава на кандидатката Антонија Андонова Тасевска за тоа дали е донатор или не на политичка партија била главниот проблем за избор на нов член на Државната комисија за справување со корупција (ДКСК). Комисијата за селекција требаше да гласа вчера, но проблем стана тоа што Тасевска на јавното сослушување минатата недела „не се сеќаваше“ дали навистина дала 25.000 денари предизборно, изјавувајќи дека можеби направила грешка. Но ваквата изјава доведе до тоа да се поништи целиот оглас, на кој се пријавија шест кандидати, условите ги исполнија пет, а еден не дојде на јавното сослушување. 

Неофицијално, присутните членови на комисијата за избори и именување се натегале околу тоа дали изјавата која е дадена и на нотар дека Тасевска не е донатор, која е дел од документите што треба да ги приложат кандидатите, е лажна, па како најдобар излез се договориле огласот да се поништи. 

Покрај тоа, дел од членовите на комисијата и од невладиниот сектор не се појавиле, а дел побарале изземање поради колегијални односи со кандидатите. 

 Телма ден пред изборот освен за Андонова Тасевска објави дека и име како на кандидатот Борче Стојановски се јавува во листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но од 2014 година, но се поминати повеќе од 10 години. Тој на сослушувањето тврдеше дека се работи за друго лице со исто име и презиме.