Може ли Трамп да го уништи НАТО?
Доналд Трамп неделава драматично ги засили своите закани кон НАТО, додека неговиот гнев кон американските сојузници расте поради нивното одбивање да се приклучат на американската војна против Иран. Американскиот претседател изјави дека „апсолутно“ размислува за напуштање на Алијансата, иако не ја објасни подетално оваа закана. Досега Трамп не презеде конкретни чекори за излез, потег што американскиот закон му го забранува без одобрение од Конгресот.
„Политико“ разговараше со експерти кои ги опишаа опциите на Трамп, нивната реалност и потенцијалната штета врз сојузот.
Сценарио 1: Засилување на реториката и „хартиен тигар“
Ова сценарио е продолжение на сегашната политика на Трамп. Тој постојано ја поткопува важноста на Членот 5 за колективна одбрана, изразувајќи сомнеж дали навистина би испратил американски трупи да ги бранат сојузниците. Трамп неделава повтори дека сојузот е „хартиен тигар“, додавајќи дека и Владимир Путин „го знае тоа“.
Герлинде Нихус, независна експертка за безбедност, предупредува дека ова сериозно го урива кредибилитетот на НАТО. „Одвраќањето функционира и психолошки. Ако вашиот противник мисли дека сте хартиен тигар, тоа е отворен повик за Путин и Кси Џинпинг да го тестираат сојузот“, вели таа.
Сценарио 2: Опструкции внатре во институциите
Трамп би можел да им го отежни животот на сојузниците без целосно да ја напушти организацијата. САД веќе го користат правото на вето во работните тела за помалку важни прашања како климатските промени. Сепак, Вашингтон би можел да нанесе поголема штета ако ја сопре работата во клучните одбори кои се занимаваат со Украина и Русија.
членарината во заедничкиот буџет или воведување на модел „плати па користи“. Ова би значело дека сојузниците кои не трошат доволно за одбрана би го изгубиле правото на глас во заедничките мисии и заштитата од Членот 5.
Сценарио 3: Повлекување на трупите од Европа
САД во моментов имаат меѓу 67.500 и 85.000 војници во Европа. Според законот од 2025 година, Трамп мора да задржи најмалку 76.000 војници, освен ако не добие дозвола од Конгресот. Повлекување на максимално дозволените 9.000 војници би било штетно, но не и катастрофално, смета Ед Арнолд од институтот „Royal United Services“.
Сепак, Арнолд тврди дека ова е малку веројатно бидејќи на Трамп му требаат трупите во Европа како база за брзо распоредување во конфликти како оној со Иран. Повлекувањето на војската би ги оштетило и сопствените операции на Пентагон.
Сценарио 4: Бојкот на военото планирање
Вашингтон би можел да се повлече од четиригодишниот циклус на воено планирање, што би ги замрзнало американските воени ветувања. Тоа би ги оставило Европјаните сами да ги пополнуваат дупките во противвоздушната одбрана и разузнавањето. Исто така, бојкотот на состаноците би го парализирал НАТО, со оглед на тоа што одлуките се носат со консензус.
Сценарио 5: Формално напуштање на НАТО
Овој потег се соочува со тешки правни препреки. Трамп технички би морал да добие поддршка од две третини од Сенатот за да го активира Членот 13 од договорот. Иако претседателот може еднострано да раскинува договори, таквиот потег сигурно би предизвикал лавина од тужби од демократските држави и граѓаните. „Судиите веројатно ќе бидат помалку подготвени да застанат на негова страна по години на извршно пречекорување на овластувањата“, вели функционер на американското Министерство за одбрана.