Може ли повторно да им се верува на медиумите? Ејден Вајт го открива патот до искупувањето
Новинските медиуми и новинарите не треба да бидат елитистички, тие треба да бидат дел од општеството, вели поранешниот генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари
Медиумите денеска страдаат од недостиг на доверба кај јавноста поради огромното ширење на дезинформации, пристрасност и пропаганда, посебно преку социјалните мрежи, што создава забуна и скептицизам дури и за добро истражени информации. Оваа недоверба е влошена од неуспехот на медиумите да се поврзат со реалноста и грижите на секојдневните луѓе, при што честопати оставаат впечаток на елитистички и неповрзани.
За да се обнови довербата, медиумските организации мора да се придржуваат до принципите на етичкото новинарство, да ја одржуваат транспарентноста во врска со нивната сопственост и практиките и значајно да ja привлечат јавноста, вели Ејден Вајт во интервју за Portalb.mk. Тој вели дека механизмите како што е Иницијативата за доверба во новинарството, која вклучува независна верификација на медиумски практики, може да помогне да се воспостави кредибилитет и да се докаже на јавноста дека медиумите се веродостојни и доверливи.
Ејден Вајт е основач на Мрежа за етичко новинарство и поранешен генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари. Веќе 25 години активно работи како новинар и застапник на човековите права, етиката и слободата на печатот. Тој одигра клучна улога во создавањето на глобални иницијативи како ИФЕКС, и Меѓународниот институт за безбедност на вести, служеше на панелот за состаноци на IMPRESS во 2014 година и уредуваше влијателни извештаи на Мрежата за етичко новинарство на теми како што се слобода на медиумите, корупција и новинарство во ерата на поствистината, пред да се повлече како директор на Мрежата за етичко новинарство во 2018 година и да стане почесен претседател во 2021 година.
Зошто медиумите денес страдаат од недостиг на доверба?
Живееме во време кога постои огромен проблем со довербата, не затоа што јавноста или светот во целина е против новинарството, туку поради начинот на кој луѓето добиваат информации денес. Постои неверојатна количина на пристрасност, пропаганда и навредлива комуникација, особено преку социјалните мрежи. Луѓето се збунети и несигурни околу тоа што е точно, а што не. Како резултат на тоа, повеќе не им веруваат на информациите, дури и кога тие се добро истражени или произнесени од научници и веродостојни истражувачи, што е неопходно за да се разбере светот. Овој недостаток на доверба произлегува од неколку фактори. Еден од тие фактори е променливата природа на самата комуникација. Насекаде има огромно количество на дезинформации, навредлива содржина, неетички и фактички неточни информации, злонамерни лаги и пропаганда. Ова создава хаотична информациска средина. На политичко ниво, гледаме дека владите и различните актери ги користат информациските мрежи за ширење на лажни информации и навредливи комуникации. Ова мешање влијае врз демократските процеси, како што се изборите. Како резултат на овој информациски хаос, луѓето се променија, сега имаат помалку доверба во надворешните извори на информации и наместо тоа, се потпираат врз блиски, лични мрежи за информации. Ова вклучува пријатели, соседи и групи како оние на WhatsApp. Овој премин кон тесни, локализирани заедници за новости и информации создаде поширок проблем на доверба, што е многу опасно. Опасноста лежи во потенцијалот штетното информирање да има претерано влијание врз општеството. На пример, многу лесно стана да се шири говор на омраза, да се поттикне насилство и да се зголеми тензијата, особено за време на конфликти или економска криза. Медиумите играат клучна улога во борбата против ова. Професионалното новинарство има општествена одговорност да обезбеди доверливи информации на јавноста.
Но, дали медиумите, поконкретно, професионалните медиуми се покажаа доволно доверливи?
Многумина во медиумите можеби веруваат дека е така, но јас не се согласувам. Не го докажале тоа убедливо. Да ги земеме како пример Соединетите Американски Држави. Професионалните медиуми во САД мислеа дека ја кажуваат вистината, што во голема мера беше така. Тие ја објавија вистината за Доналд Трамп: неговата мизогинија, неговиот расизам, неговото наводно кршење на законот, неговата невердостојност и сите судења со кои се соочи. Сепак, и покрај тоа што медиумите ја кажуваа вистината, многу луѓе гласаа за него.
Зошто?
Бидејќи додека медиумите се фокусираа на разоткривање на мааните на Трамп, тие не успеаја да се поврзат со реалноста на животот на гласачите. Многу гласачи не ги интересираа обвинувањата против Трамп. За нив вистината за Трамп беше споредна. Поважно беше верувањето дека тој може економски да го подобри нивниот живот и да ги поддржи нивните семејства. Многу од овие гласачи живеат во потешка социо-економска состојба, а медиумите ги игнорираа нивните приоритети. Ова беше грешка на медумите. Не е доволно само да се кажува вистината. Американските медиуми научија важна лекција: од суштинско значење е не само да се објави вистината, туку и да се поврзе со луѓето, да се разберат нивните гледишта и мотивации. Без таа поврзаност, дури и најпрецизното известување нема да успее да одекне.
Во еден од Вашите јавни говори кажавте дека медиумите станале елитистички или дека постои опасност да станат елитистички. Може ли да образложите?
Се разбира, еден од проблемите со новинарството денес е поделеноста помеѓу медиумите и јавностa. Елитистичките медиумски фигури често веруваат дека го разбираат светот подобро од јавноста и имаат овластување да им кажат на луѓето како и што да мислат. Овој став е опасен. Новинските медиуми и новинарите не треба да бидат елитистички, тие треба да бидат дел од општеството. Тие треба да ги разберат сите нивоа на социјалната пирамида – како луѓето живеат, работат и размислуваат. Кога медиумите не успеваат да се поврзат со луѓето на дното на пирамидата, тие луѓе ќе ги игнорираат. Ваков вид на прекин на врската, е она што се случи во САД, но и на многу избори низ светот. Оваа година, видовме бран на избори на глобално ниво, и речиси во сите случаи, гласачите испратија силни пораки до постоечките влади. Ова се случи во Франција, Британија, низ Европа и САД. Овие резултати покажуваат колку слабо медиумите се поврзуваат со јавноста, што доведува до опасна ерозија на довербата. На медиумите им е потребна довербата на јавноста за да функционираат ефективно. За да ја вратат, медиумите мора да бидат транспарентни, одговорни и поврзани со луѓето на кои им служат.
Како медиумите можат да ја обноват довербата во јавноста?
За да ја обноват довербата во јавноста, медиумите треба да се фокусираат на три клучни области. Прво, тие мора да се посветат на вредностите на професионалното новинарство, придржувајќи се до етичките принципи како што се точноста преку известување засновано на факти, независност од политички ии корпоративни влијанија, хуманост преку избегнување на експлоатација на ранливи групи или поттикнување насилство, како и отчетност со исправка на грешките и преземање одговорност за нив. Второ, транспарентноста е од суштинско значење, медиумските организации мора јасно да соопштат кој ги поседува, како се финансираат, какви се нивните политики и дали имаат некакви политички или финансиски пристрасности. За крај, медиумите мора да се поврзат со јавноста преку директно ангажирање, согледување на грижите на луѓето и разбирање на нивните гледишта.
Како медиумите можат да ги покажат овие заложби во пракса?
Медиумите можат да усвојат механизми за да го докажат својот кредибилитет, како што се самооценување и независна сертификација. Добар пример е Иницијативата за доверба во новинарството, која ги охрабрува медиумските организации да изготвуваат извештаи во кои детално се објаснува како тие ги почитуваат човековите права, се придржуваат до новинарската етика и ги опишуваат нивните сопственички структури и уредувачки политики. Овие извештаи потоа се верификуваат од независни ревизорски тела, а откако ќе бидат сертифицирани, медиумските организации можат да го претстават тоа на јавноста како доказ за нивната транспарентност, етичко однесување и професионалност. Оваа верификувана сертификација помага да се изгради доверба бидејќи им овозможува на луѓето самостојно да ги потврдат тврдењата на медиумите.
Зошто е ова важно?
Во свет полн со измами, лаги и нечесност, механизмите како што е Иницијативата за доверба во новинарството, се од витално значење. Тие обезбедуваат кредибилен начин за медиумите да ја покажат својата веродостојност и да ја вратат довербата на јавноста. (Mета