Венеција центар на филмската уметност: Почнува 79. Мостра

Годинашниот 79. филмски фестивал во Венеција ветува сè што го прави овој настан возбудлив – одлични филмови и гламурозни sвезди


 

Италија- Денеска се отвора 79. издание на Венецискиот филмски фестивал, на кој светска премиера ќе има и новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“. Филмот, кој е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска, ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти, а премиерно ќе се прикаже в петок во салата „Дарсена“, потоа ќе има уште една јавна проекција, в сабота во киносалата „Палабиенале“. „Најсреќниот човек на светот“ после Венеција ќе игра и во селекцијата на фестивалот во Торонто (8-18 септември).

Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција од „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002 и следува 28 години по триумфот на Милчо Манчевски со „Пред дождот“ кој го освои Златниот лав. Во 2001, „Прашина“ на Манчевски го отвори Венецискиот фестивал .

Венеција беше единствениот голем филмски фестивал кој не го откажа своето физичко издание во пандемијата, а сега ја отстрани и последната ковид рестрикција, „ѕидот“ со кој беше ограден црвениот тепих на Лидо во изминатите две години.

Џулијан Мур во „Гучи“ пристига во Венеција

Џулијан Мур, која доби „Оскар“ за улогата во „Сѐ уште Алис“ (Still Alice) од 2014 година, ќе раководи со шестчленото жири на 11-гала фестивал на гламурозниот остров Лидо. Во жирито годинава ќе доминираат режисери – Аргентинецот Маријано Кон, Леонардо ди Костанца од Италија, Родриго Сорогојен од Шпанија и Французинката Одри Диван.

Диван лани го освои „Златниот лав“ за филмот „Настан“, којшто се занимава со абортусот. Во жирито ќе бидат и иранската глумица Лејла Хатами и јапонско-британскиот сценарист Казуо Ишигуро.

На денешното отворање се очекуваат повеќе од 1.000 гости.

„Сите доаѓаат. Засега нема најави за откажување меѓу главните ѕвезди на сите филмови кои се во официјалната селекција“, вели директорот на фестивалот, Алберто Барбера.

Тоа значи дека меѓу гостите се очекуваат и Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе, Адам Драјвер, Пенелопе Круз, Шија Лебуф, Оливија Вајлд, Хари Стајлс, Флоренс Пју, Ана де Армас и Брендан Фрејзер, кои сите треба да ги презентираат своите нови филмови.

Филмскиот фестивал во Венеција е најстариот во светот и еден од најпрестижните, заедно со оние во Кан и Берлин. Годинашното 79-то издание трае до 10 септември.