Москва трајно му забрани на јапонскиот министер за надворешни работи да влезе во Русија

Русија денеска воведе трајна забрана за влез на јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја, како одговор на континуираните санкции што Јапонија и ги воведува на Русија поради војната во Украина, јавува Anadolu.
Руското Министерство за надворешни работи објави дека на црната листа се и јапонскиот амбасадор во Украина Масаши Накагоме, поранешниот амбасадор Кунинори Мацуда и високи претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA).
Забрана за влез во Русија е воведена и за челниците на големите јапонски корпорации, меѓу кои и IHI Corporation, ISUZU Motors, Prodrone и Cyberdyne. Москва го обвини Токио дека следи антируски курс под притисок на Западот и предупреди на дополнителни последици доколку Јапонија продолжи со својата рестриктивна политика.
Јапонија воведе повеќе пакети санкции кон Русија од почетокот на војната во Украина во 2022 година, насочени кон официјални лица, финансиски институции и клучни индустрии.