Москва прв пат призна: „Инвазијата не оди според планот“


 

Официјална Москва за прв пат јавно призна дека нејзината „специјална воена операција, како што официјално ја нарекуваат инвазијата на Украина, не оди според планираното.

„Би сакал да кажам дека не оди сè толку брзо како што би сакале, но само затоа што нацистите се кријат зад цивили, стари луѓе, жени, деца, организирајќи борбени позиции во градинките, училиштата и станбените згради. Сепак, чекор по чекор одиме кон зацртаната цел и ќе победиме“, изјави во неделата Виктор Золотов, врховен командант на Националната гарда на Русија, поранешен личен телохранител на рускиот претседател Владимир Путин и еден од неговите најверни помошници.

Золотов изјавата ја даде по православната богослужба во московската црква Христос Спасител и во таа прилика додаде дека Христовата икона „ќе ја заштити руската војска и ќе ја забрза нашата победа“.

Тој тврдеше дека припадниците на Националната гарда, заедно со руските вооружени сили, „чекор по чекор“ ги извршуваат задачите поставени за време на „специјалната операција“ во Украина и дека „одат кон целта“.

Во неделата се огласи и еден од членовите на рускиот преговарачки тим, кој досега бил на три средби со украинската страна во Белорусија. Коментирајќи го текот на преговорите, кои по три рунди физички состаноци продолжија во непознат број рунди видео состаноци, Леонид Слуцки рече дека „според неговите очекувања, напредокот во преговорите може да се развие во заеднички став на двете делегации, во документите подготвени за потпишување“.

„Ако ги споредиме позициите на Русија и Украина во преговорите на самиот почеток и денес, може да се забележи значителен напредок“, рече Слуцки, без да даде конкретни детали за суштината на преговорите.