Москва почна масовна вакцинација со Спутник V

Москва денеска почна да ја употребува вакцината Спутник V против Ковид-19 во 70 клиники, што е прва масовна вакцинација во Русија против коронавирусот, соопшти градската работна група за Ковид-19.

Соопштено е дека руската вакцина прво ќе биде достапна за докторите и другите медицински работници, наставниците и социјалните работници, бидејќи тие се изложени на најголема опасност од болеста.

Москва, која е жариште на коронавирусот во Русија, во изминатите 24 часа регистрираше 7.993 нови случаи на заразени.

– Во текот на првите пет часа се пријавија 5.000 луѓе за вакцинација – наставници, доктори, социјални работници, оние кои денес најмногу ги ризикуваат своето здравје и животи, истакна вчера градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Возраста на оние кои примаат вакцина е ограничена на 60 години. На луѓето со хронични болести, бремените жени и оние кои имале респираторна инфекција во последните две недели им е забрането вакцинирање.

Вакцината Спутник V се дава двапати, односно втората доза се прима 21 ден по првата.

Русија разви две вакцини против Ковид-19: Спутник V, зад која стои Рускиот фонд за директни вложувања, и втората која е развиена од Институтот Вектор во Сибир.