Москва навредена од приземјувањето на Лавров
Москва и Белград мора да одговорат исклучително остро на затворањето на воздушниот простор од страна на соседите на Србија за авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, смета потпретседателот на Горниот дом на рускиот Парламент, Константин Косачев.
Според него, одлуката е удар врз Русија и на Србија, како држави.
„Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра, во форма на, не само дипломатски протест, туку и конкретни, практични одговори. Тоа беше непочитување“, напиша тој на Телеграм.
Како што истакна Косачев, одлуката на Бугарија, Црна Гора и на Северна Македонија, не била самостојна.
„Со влезот во НАТО, сите три земји го изгубија суверенитетот“, тврди Косачев.
Тој додаде и оти „НАТО со директна интервенција во билатералните работи на Русија и Србија се обидува да го заземе и потчине остатокот од Европа“. Следната фаза ќе биде „ширење на сојузот на целиот свет, каде по Русија, Кина ќе стане стратешка цел број два“, нагласи Косачев.
Неговата реакција е една од низата, откако следуваше забраната за прелет на авионот со Лавров кон Србија, каде тој денеска требаше да пристигне во дводневна посета.
„Земјите што ја опкружуваат Србија, го затворија небото за авионот на Сергеј Лавров, со тоа затворајќи уште еден канал за комуникација, изјави претходно портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Захарова истакна дека Москва не е таа што создава нова железна завеса, туку Европа е таа што ја оградува Русија.
„ Токму денеска, пред еден час, земјите што ја опкружуваат Србија го затворија комуникацискиот канал, недозволувајќи да прелета авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвуваше да ја посети Србија. Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. Државите членки на Европската Унија и на НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден комуникациски канал“, појасни Захарова.
Таа ја даде изјавата за италијанскиот телевизиски канал Ла7, јавија руски медиуми.
„ На крајот на краиштата, нема да има железни завеси од наша страна, не мора да се грижите. Европската Унија е таа што со завеса ја заградува Русија. Вашите грешки се тоа што сте премногу себични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас, нема други народи во светот. Немате морално право некого да учите нешто“, додаде Захарова.