Моравјецки: За одбраната на Полска четири отсто од БДП, мораме да се вооружуваме уште побрзо
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави денеска при посетата на војниците на 18-та механизирана дивизија во градот Шедлце дека оваа година издвојувањата на земјата за војската ќе достигнат четири проценти од БДП и дека Варшава поради нападот на Русија на Украина, мора да се вооружува уште побрзо отколку досега кога веќе има договорени големи испораки од САД, Јужна Кореја и Франција.
„Поради војната во Украина, мораме да се вооружуваме уште побрзо. Затоа оваа година ќе издвоиме четири отсто од БПД за Армијата и тоа можеби ќе биде највисок процент за Армијата во сите членки на НАТО“, рече Моравјецки, кој заедно со министерот за одбрана Мариуш Блашчак ја посети „Железната дивизија“ распоредена на истокот на Полска, а која уште годинава ќе ги добие првите американски тенкови „Абрамс“.
Моравјецки ги критикуваше претходните полски влади, предводени од актуелниот лидер на опозицијата, долгогодишниот премиер, а потоа и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, што го намалувале бројот на војници и тоа, според министерот за одбрана Блашчак, со укинување на 629 организациски единици на армијата, главно на истокот на земјата.
„Денес полската армија бројно e за една четвртина поголема од 2015 година. Нема и никогаш нема да има силна армија без силна држава и силни јавни финансии“, рече Моравјецки.
На Твитер денеска премиерот објави графикони кои покажуваат дека во 2022 година полската армија имала 164.000 војници, а во 2005 година 95.000.
Целта на Владата на партијата „Право и правда“ е полската армија да достигне број од 300.000 војници.