Мораториум на одредени специјализации на Медицинскиот факултет и вработување на најдобрите пет студенти


Одредени специјализации за кои има премногу кадри во државата ќе бидат под мораторуим оваа година, најави министерот за здравство Арбен Таравари, по средбата со деканот на медицинскиот факултет во Скопје.

– Ќе дадеме предност на одредени специјализации коишто ни недостасуваат – пред сѐ онкологија, патологија, радиологија, анестезиологија. Овие ќе бидат многу побројни – рече Таравари.

Најави и една нова работа, односно петте најдобри студенти кои завршиле медицина, тука во Скопје, Штип и во Битола, ќе им дадеме веднаш да се вработат, пред да влезе ова во закон, што се надевам наскоро ќе влезе во закон. Оваа година ќе бидат пет, а од следната се надевам по десет од секој факултет – рече Таравари. Тој појасни дека петте студенти од Скопје, ќе бараат работа тука на клиниките во Скопје, а петте најдобри дипломирани во Тетово, ќе бараат работа во Тетово и оние од Штип во тој град.

– Меѓутоа, предност ќе имаат десет студенти да продолжат со специјализација по оние коои ни недостасуваат – додаде Таравари.

Министерството за здравство е тоа кое одлучува кои специјализации ќе бидат поддржани во следната учебна година, а за специјализациите ќе одлучуваат во договор со факултетот.

Разговарале и за проблемот со читалната на Медицинскиот факултет, тоа е местото на модуларната болница кај Инфективни клиники, каде би требало да се смести читалната затоа што на овој факултет има многу студенти и им треба таков објект каде можат да учат.

Таа читална беше одземена од факултетот за време на ковид-кризата, а сега би требало да им се врати на студентите.

Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ изрази задоволство што се најде начин петте најдобри студенти ќе се задржуваат во државата.

Тој појасни дека на Медицински факултет интересот на студентите за запишување е многу голем, па квотите се исполнуваат уште во првиот уписен рок.

Деканот смета дека проблемот со одлив на кадри е глобален, но вели треба да се работи на локално ниво, односно да се вработат веднаш по завршување на студиите.

За добивање на лиценцата за лекар, завршените студенти треба да одработат одредена пракса, но како што вели деканот, тие цела шеста година одат на пракса, па може таа да се внесе како потребна пракса, за да може да се вработат веднаш по завршувањето на факултетот.