Мораториум на дело, за да биде цело


Ивана Настеска

Еден совесен градоначалник јавно побара градот што го менаџира да биде ставен на листата на загрозени светски наследства. Образложи дека не ѝ верува на својата влада дека сериозно ќе се зафати со работа да не се уништува светското наследство. Граѓаните, пак, од тој град се организираа и демонстрираа против претрупувањето на водните канали со крузери за бизнис-намени, но и прекумерен туризам.
Еден друг градоначалник, кој менаџира град што е дел од регионот на заштитено светско културно и природно наследство, прво ја прозиваше Владата кај била досега да преземе нешто и зошто не ги урнала досега дивоградбите што УНЕСКО ги посочи како проблематични. А, потоа, со популистички изјави, се развластуваше од надлежностите што тој треба да ги спроведе и ѝ ги предаваше на Владата.
Еден трет градоначалник, според препораките, изготви регистар на дивоградби во главното заштитено подрачје и бомбастично ни соопшти дека само во заштитениот дел има 409 дивоградби од вкупно илјада и нешто. Потоа, самиот ја минимизираше таа проблематика, па ни кажа дека дивоградбите се бројат на прсти. Но, не ни кажа на колку раце.
Првиот градоначалник е Луиџи Брунаро, градскиот татко на Венеција. Многумина беа зачудени зошто тој бара од УНЕСКО градот да се најде на листата на загрозени подрачја. Но, одговорот е едноставен. Така повеќе ќе може да го заштити и да ја искористи експертската подготвеност на советодавните тела на УНЕСКО, со цел да ја спасат Венеција да не се претвори во, како што рече тој, „огромен хотел“.
Затоа, победоносните изјави на владините претставници по сесијата на УНЕСКО во Баку, дека успеавме да го спасиме Охридскиот Регион од листата на загрозени подрачја, немаат никаква поента.
Вториот градоначалник е струшкиот, Рамиз Мерко. Оној кој во екот на дебатите околу заштитата на Охридскиот Регион отиде во Охрид и на својот сопартиец свечено му ја отвори дивоградбата – пицерија во центарот на Охрид. Тој сега се пожали дека добива закани и се откажува од надлежностите што ги има Општина Струга да стопира или да руши дивоградби во неговиот град. Ако е толку искрен и загрижен за дивоградбите во Струга, може да си поднесе и оставка, па друг да ги преземе и да ги спроведе надлежностите според закон.
Третиот градоначалник, Константин Георгиевски од Охрид, е најповикан во борбата за заштита на Охридскиот Регион и треба поодлучно и похрабро да дејствува. Јавноста најжестоко реагира токму за дивоградбата – пицерија во Охрид, која е во сопственост на советник од Општина Охрид. За реалноста да биде уште „посмешна“, истиот советник со своја фирма се пријави на тендер за рушење дивоградби.
Според последните официјални информации, спорниот закон за управување на културното и природно светско наследство во Охридскиот Регион е повлечен од собраниската процедура. Спорно беше тоа што во законот се предвидуваше формирање стручен совет кој ќе носи одлуки со двојно Бадинтерово мнозинство, што значи политиката, па и повеќе од тоа, партиите да решаваат урбанистички прашања.
Овој потег на Владата е добар. Оттаму предложија надлежните општини Охрид, Струга и Дебрца, да прогласат итен мораториум, а за десет дена да изготват планови како ќе постапуваат по препораките на УНЕСКО. Свесност и сериозна одговорност државата како целина ќе покаже исклучиво ако ова навистина се спроведе. Останаа уште шест месеци до рокот што ни го даде УНЕСКО, a сè ќе биде за џабе ако и следната година дебатираме на истата тема.