Монструозни игри


Фросина Факова-Серафиновиќ

Додека вмровците со сите сили се обидуваат да се спасат од обвиненијата, а власта глуми дека нема да дозволи случаите да пропаднат, никој не ги спомнува родителите и семејствата на убиените момчиња и рибарот кај Смилковското езеро. Ним сигурно, по којзнае кој пат, им се распарчуваат срцата и нервите гледајќи со каква леснотија политичарите се пазарат со доказите и правдата. Седум години откако им беа убиени најмилите нема ниту еден осуден и никој не лежи во притвор за тоа што ѕверски со автоматски пушки ги наредија и ги изрешетаа четворицата матуранти и рибарот.

Сега кога СЈО и официјално е под клуч, предметот што го водеше обвинителката Фатиме Фетаи пак ќе се врати во редовното обвинителство, од каде што дојде. Накратко, во 2014 година судот ги осуди на доживотен затвор шесттемина обвинети за петкратното убиство. По три години Врховниот суд ги укина пресудите, сите осудени беа пуштени на слобода, а случајот беше вратен на повторно судење. На почетокот од 2018 година почна повтореното судење, а случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Ова е накратко текот на случајот низ судовите, но сите овие години, семејствата во судница требаше да слушаат како ги убивале нивните деца и да седат во иста просторија со обвинетите, нивните роднини и притоа да ги контролираат својата тага и револт. СЈО беше нивната нова надеж дека ќе се докаже вината и дека ќе се откријат нарачателите. Но, СЈО го уништија, „бомбите“ кои Заев ги најавуваше не ги слушнавме, а случајот „Монструм“ сега пак треба да се врати во редовното Јавно обвинителство кај што беше.

Сега кога случајот повторно речиси стигна до крај, агонијата е повторно на  почеток. Републичкиот јавен обвинител треба да одлучи кој обвинител ќе го води овој случај, при што неизвесно е дали обвинителката Фатиме Фетаи ќе се избори за него. По војната сите се генерали, а најголеми губитници се граѓаните. Сите имаат мислење како треба да се интегрира, да продолжи СЈО, кој треба да ги води предметите. Од толку правници и експерти во земјава, никој нема усогласено мислење и сите како да гледаат во гладијаториски ринг и навиваат кој прв да умре. На крајот од денот, единствен доказ дека сме на прав пат е преживувањето на предметите и доказите. На потег сега е Републичкото јавно обвинителство кое треба да докаже дека се ослободило од политичките влијанија. Да ги продолжи сите случаи од судница, оние за кои има докази дека се виновни да бидат осудени, а оние за кои нема докази да бидат ослободени. Ако опозицијата не се бори за амнестија, а тврди дека СЈО ги гони политички нивните функционери, нека останат до крај во судница и таму нека докажат дека се невини и дека ги гонеле без докази, сега кога Катица Јанева е во притвор. Обвинителите што ќе ги преземат истрагите и предистрагите за кои нема обвинение сега ќе имаат одврзани раце и за нив нема да важи правното мислење на Врховниот суд, кое го прогласи СЈО за ненадлежно за предметите што се отворени по спорниот рок.

Тоа значи дека во редовното обвинителство ќе може да продолжи истрагата за случајот „Империја“ каде што првоосомничен е сведокот жртва кој ја стави во притвор Јанева, Орце Камчев. Тие обвинители ќе можат да ги оживеат и истрагите против лидерот на ДУИ, Али Ахмети за пропаднатиот попис, за вицепремиерот Бујар Османи, но и за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, случаи што требаше да го оправдаат постоењето на СЈО. Власта тврди дека предметите ќе имаат завршница, но токму тие треба да најдат начин како да ги истераат случаите на нивните политички противници до крај, во услови кога без нив не може да се донесе законот за јавно обвинителство и во услови кога нивната партија е компромитирана со случајот „Рекет“. Токму овој случај на перфиден начин ја реши судбината на СЈО и ја искомпромитира власта, но ја тргна Јанева која беше пречка за договор меѓу партиите. Сега политичките партии треба да сфатат дека не преговараат само за да се спасат тие, туку дека од нивните игри страдаат и оние што со години чекаат разврска.