Монодрамата „Безгрешна“ на СНГ од Марибор беше совршенство на сцена (галерија)
Публика само во партер, сцена замислена како бела кутија или дом, одвреме на време во фон се слуша преубава музика како „од оној свет“, и во центарот е жената, убава, облечена како по последна мода во црн фустан и сако, со мала чантичка, и во црни лакирани салонки. Косата собрана во пунџа, а при крајот од претставата, долга и пуштена, и со круна на главата и во одора. Минималистичка атмосфера и со сценографија и со костимографија, а „луксузот“ го чувствувате околу вас, како божји допир.

Монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), на Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор, уште во првите минути не освои со естетиката, пораката и впечатливата глума на Наташа Матјашец Рошкер, како Марија. Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.

Сценското остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур, беше театарско „лото“ за присутните, во рамки на роденденската прослава на МНТ, а голема загуба за оние гости кои театарот го есапат само како модна писта и „да видиш и да бидеш виден“ отколку како чин на катарза и стил на живеење.

Во центарот на „Immaculata“ е жената, која историјата ја претворила во слика, догма и инструмент на верата. Марија, мајката на Исус, трага по смисла во раните, кои никогаш не можат да зараснат, обидувајќи се да се сети на зборови, лица и фрагменти поврзани со смртта на нејзиниот син. Преку оваа исповед, претставата ја прикажува Марија како жена од месо и крв, избришана од историјата и злоупотребена од насилната религија, но и како фигура, која со тишина и сомнеж ги отвора најдлабоките прашања за верата, загубата и човечката болка.

„Никогаш не сум се плашела од форматот монодрама. Мислам дека ова ми е четврта по ред. Меѓу монодрамата и публиката секогаш се создава една посебна врска и длабока концентрација при изведбата. Ова е моето најдраго актерско искуство. Ова беше и моја прва соработка со Томаж Пандур, во момент кога и двајцата бевме созреани за една ваква соработка. И оваа наша прва професионална средба беше посебна и интензивна“, истакна Рошкер, на пресот во Скопје, пред премиерата.

„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар. Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците.

Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.

„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург, која ја потпиша драматизацијата и адаптацијата на „Безгрешна“ и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.

„Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур, која „Immaculata“ ја доживува како длабоко личен и театарски чин, посветен на Томаж Пандур.

„Immaculata“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамки на фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021), како и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година.
Л. Сабит