Монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ во чест на 81 година театарско постоење


Фото: Б. Грданоски

По повод 81-годишното театарско постоење, публиката ќе има можност вечер во 20 часот во Македонскиот народен театар, да ја проследи изведбата на монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“, сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“.

Претставата е омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур, а се реализира во продукција на СНГ Марибор.

Во монодрамата настапува Наташа Матјашец Рошкер, која преку силна и интимна изведба ја оживува приказната базирана на делото на Колм Тојбин.

 

Актерката Наташа Матјашец Рошкер, на пресот во Скопје истакна дека ова за неа е многу важна монодрама, бидејќи, всушност, претставуваше прва и последна соработка со режисерот Пандур, која била прекрасна и интензивна, а која, за жал, не успеале да ја завршат заради неговата прерана смрт.

– Горда сум на себе, на СНГ и на ексдиректорот, што покрај трагичниот настан, сите во екипата на претставата истрајавме и пронајдовме сила врз основа на неговите скици за сцената, за костимите, плеј листата за музиката и забелешките на текстот кои ги остави зад себе, да ја доведеме претставата до крај. Му ја посветивме нему и со големо задоволство можам да кажам дека ја играм веќе 10. година, рече Матјашец Рошкер, првенка во Мариборската драма. Додаде и дека претставата препатувала речиси низ целиот свет, и сега како кругот да се затвора овде, во Скопје, со изведбата во МНТ.