Моника Селеш објави дека ја има невролошката болест мијастенија гравис

Моника Селеш првпат ги забележа симптомите на мијастенија гравис (myasthenia gravis) – невромускулна автоимуна болест за која зборуваше за време на неодамнешното интервју за Асошиејтед прес – додека мавташе со рекетот на начин на кој го правеше тоа многу пати за време и по кариерата во која имаше девет гренд слем титули и место во Меѓународната тениска сала на славните.
„Играв со некои деца или членови на семејството и промашував топка. Си мислев: ‘Да, гледам две топки’. Ова се очигледно симптоми што не можете да ги игнорирате“, рече Селеш. „И, за мене, тогаш започна ова патување. И ми требаше доста време навистина да го апсорбирам, отворено да зборувам за тоа, бидејќи е тешко. Тоа влијае многу на мојот секојдневен живот“.
Селеш (51) која го освои својот прв голем трофеј на 16 години на Отвореното првенство на Франција во 1990 година и го одигра својот последен натпревар во 2003 година, изјави дека пред три години ѝ била дијагностицирана мијастенија гравис и дека за прв пат јавно зборува за тоа пред Отвореното првенство на САД, кое започнува на 24 август, за да се подигне свеста за она што е познато како МГ.
Националниот институт за невролошки нарушувања и мозочен удар на САД ја нарекува „хронична невромускулна болест која предизвикува слабост во волните мускули“ и „најчесто ги погодува младите возрасни жени (под 40 години) и постарите мажи (над 60 години), но… може да се појави на која било возраст, вклучително и во детството“.
Селеш вели дека никогаш не слушнала за состојбата сè додека не посетила лекар и не била упатена кај невролог откако забележала симптоми како што се двоен вид и слабост во рацете и нозете.
„Кога ми беше дијагностицирана, си помислив: ‘Што?!’“, вели Селеш, која соработува со argenx, имунолошка компанија со седиште во Холандија, за да ја промовира нивната кампања Go for Greater. „Значи, тука – не можам доволно да нагласам – би сакала некој како мене да проговори за тоа“.
Поминаа три децении откако Селеш се врати на натпреварувањата на Отвореното првенство на САД во 1995 година, стигнувајќи до финалето, повеќе од две години откако беше нападната од маж со нож на турнир во Хамбург, Германија.
„Начинот на кој ме пречекаа… по моето прободување, никогаш нема да го заборавам“, вели Селеш за навивачите во Њујорк. „Тоа се моментите што остануваат во сеќавање“.
Таа зборува за тоа како денес учи да живее во „нова нормалност“ и го окарактеризира своето здравје како уште еден во низата животни чекори што барале адаптација.
„Морав, во тениски термини, претпоставувам, да се ресетирам — тешко ресетирање — неколку пати. Го нарекувам моето прво тешко ресетирање кога дојдов во САД како млада 13-годишна девојка (од Југославија). Не го зборував јазикот; го напуштив семејството. Тоа беше многу тежок период. Потоа, очигледно, станувањето одличен играч, исто така е ресетирање, бидејќи славата, парите, вниманието, се менуваат (сè), и тешко е како 16-годишник да се справиш со сето тоа. Потоа, очигледно, моето прободување — морав да направам огромно ресетирање“, рече Селеш.
„И потоа, навистина, дијагностицирана мијастенија гравис: уште едно ресетирање. Но, едно нешто, како што им кажувам на децата што ги менторирам: ‘Секогаш мора да се прилагодувате. Таа топка отскокнува, а вие само треба да се прилагодите’, додаде таа. „И тоа е она што го правам сега“. (АП)