„Монд“: Париз, Берлин и Хаг го блокираа проширувањето на ЕУ кон Балканот


Париски „Монд“, пишувајќи за министерскиот состанок на ЕУ  во Луксембург, објави дека три земји стојат зад блокадата за почеток на преговори со Македонија и Албанија: Франција, Германија и Холандија.

„Северна Македонија и Албанија, признати кандидати за влез во Европската унија, уште ќе чекаат. Франција, Германија и Холандија, во вторникот, 18 јуни, во Луксембург не ја одобрија одлуката која би била премногу симболична за нив: пристапни преговори. Ова бара едногласност на дваесет и осумте членки.

Прашањето за проширувањето на ЕУ кон шесте земји од Западен Балкан останува прашање на поделба меѓу земјите-членки и тие повторно ќе расправаат за (можна) одлука до октомври. Но усвоија… дваесет и две страници заклучоци за проширувањето и предуслови за сите кандидати“, пишува „Монд“.

Весникот потсетува на една неодеманешна изјава на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер „да не се игра со овој трагичен регион“ кој искуси крвави конфликти. „Јункер изјавио дека не изгледа веројатно дека ќе може да се стигне до договор во Луксмебург. Бидејќи националните парламенти треба да одлучат. И бидејќи промената на прозицијата на Франција и германија е ‘невозможна мисија’“.

Според францускиот весник фактот што германскиот Бундестаг уште не одлучувал за препораката неа Европската комисија за преговори со Скопје и Тирана, било добар изговор за колебливите членки да најдат засолниште и да не донесат одлука.

„Холандскиот парламент ја отфрли идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година. Што се однесува до Франција, нејзината линија е: Нема проширување без претходно зголемување на интеграцијата на Унијата. Без сомневање тука исто така е и нејзиниот ‘апсорпциски капацитет’ и стратегијата во врска со балканските земји: како да ги ‘врзете’ со Европа, без да мора да ги интегрирате. Црна Гора преговара за членство од 2012 година, Србија од 2014 година. Босна и Косово (кое не е признаено од пет земји-членки) се ‘потенцијални кандидати’“, пишува влијателниот „Монд“.