Македонски концепт е загрижен од некои решенија во Законот за медиуми, особено за бројот на вработени

Македонски концепт ја повикува Владата, Собранието, асоцијациите на медиуми и новинари и целокупната јавноста да посветат големо и длабоко внимание во врска со предложените измени на Законот за медиуми, нагласувајќи ја важноста на зачувувањето на слободата на медиумите како темел на демократското општество.
Според партијата, наметнување на обврската за минимум три редовно вработене во порталите кои ќе сакаат да бидат медиуми не оди во полза на никого, ниту на државата, ниту на слободата на медиумите, ниту на граѓаните.
„Медиумската слобода и отворениот медиумски пазар се клучни за информирање на јавноста, промовирање на плурализам и обезбедување на демократски процеси. Секоја регулација во оваа област треба внимателно да се разгледа и да биде во функција на поттикнување на слободна конкуренција, без непотребни ограничувања кои би можеле да предизвикаат несакани ефекти, како концентрација на медиумската моќ или намалување на квалитетот на информирањето.
Ги повикуваме надлежните институции да пристапат со транспарентност, инклузивност и дијалог при разгледувањето на овие измени, со цел да се обезбеди дека сите заинтересирани страни ќе бидат вклучени во процесот. Нашата заедничка цел треба да биде создавање на средина во која медиумите ќе работат слободно, одговорно и без притисок, а граѓаните ќе бидат правилно и објективно информирани“, се вели во реакцијата на Македонски концепт.