Монако со нова модна ѕвезда: Пјер Казираги е новиот амбасадор на Диор


Монако– Семејството Казираги од Монако има нова модна ѕвезда: Пјер Казираги, помладиот брат на Шарлот Казираги, е именуван за амбасадор за машка облека на Диор.

34-годишниот бизнисмен и успешен морнар се придружува на својата сопруга, италијанската новинарка Беатрис Боромео, како претставник на француската модна куќа. Боромео беше назначена за амбасадор на Диор во февруари, а двојката присуствуваше на шоуто на крузерската колекција на Диор во Атина во јуни.

 „Монегашкиот бизнисмен отелотворува нов аспект на кројачкото наследство на Диор, под палката на Ким Џонс, синоним за безвременска модерност“, се вели денес во соопштението на куќата .

Казираги е син на принцезата Каролина од Хановер и Стефано Казираги, италијански бизнисмен кој почина во несреќа со брод кога неговиот син имаше само три години. Тој е мнозински акционер на градежната компанија Енгеко, основана од неговиот татко.

Тој е и потпретседател на Јахтинг клубот во Монако и во 2016 година го основа Тимот Мализија, учествувајќи на бројни регати ширум светот. Како претседател на трката за јахти Sail for a Cause, Казираги помага да се соберат средства за децата со сериозни болести во сиромашните земји да подлежат на операција во Монако.

Казираги претходно се појави во кампања за брендот Берлути во 2013 година, кој како и Диор е во сопственост на луксузниот конгломерат LVMH Moët Hennessy Луј Витон. Неговата сестра Шарлот беше прогласена за амбасадор на брендот Шанел минатиот декември, а претходно беше вклучена во кампањите за Сен Лоран, Гучи и швајцарскиот бренд за часовници Монтблан. Во меѓувреме, неговата сопруга Беатрис исто така е заштитно лице на италијанскиот златар Букелати.

Казираги, кој е внук на принцот Рение Трети и принцезата Грејс од Монако, ќе биде заштитно лице на кројачката понуда на Диор, која се ажурира и освежува. Меѓу новите пропорции се повисоки половини и пошироки ревери и јаки за кошули, соопшти брендот.

Врските на Диор со Монако датираат од 1956 година, кога тогашната актерка Грејс Кели носеше бела сатенска тоалета на Диор на бал, прославувајќи ја свршувачката со принцот Рение. Како принцеза Грејс од Монако, таа ќе продолжи да носи Диор во безброј прилики. (WWD)