МОН: Студентите да ги подигнат наменските платежни картички за субвенциониран студентски оброк


Студентите од втора и повисоките години на студии кои аплицирале и ги исполниле условите за субвенциониран студентски оброк, за што добиле потврда од Министерството за образование и наука, заради остварување на правото, како следен чекор имаат обврска задолжително да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе Банка и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal.

– Потоа, ќе добијат информација преку СМС за точното време (најрано 24 часа од моментот на ажурирањето на податоците) и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменска студентска Visa картичка за субвенциониран оброк, преку која единствено ќе можат да ги користат средствата, објаснуваат од МОН.

Министерството потсетува дека аплицирањето за ова право за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, трае од 27 септември до 2 октомври 2023 година.

-Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството, известуваат од МОН.

Оттаму, посочуваат дека финансиската поддршка во износ од 140 денари е наменета за купување храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

– Паричниот надомест не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 1 октомври, нагласуваат од Министерството.