МОН-СОНК: Зголемување на платите и подобрување на условите во училиштата


Министерството за образование и наука и Самостојниот синдикат за образование,
наука и култура ќе продолжат да се заложуваат за унапредување на правата и
подигнување на општествениот и материјалниот статус на наставниците, стручните
соработници и другите вработени во училиштата и тоа денеска на работна средба го
потврдија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и
претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

„Вработените во образованието, а особено просветните работници се клучна алка во
процесот на создавање генерации од кои многу очекуваме. Затоа, тие треба да бидат
мотивирани, а мотивацијата најмногу зависи од грижата на државата кон нив.
Зголемувањето на платите и подобрувањето на условите за работа во училиштата се
програмски определби на новата Влада и уверувам дека целосно ќе ги реализираме“,
рече министерката Јаневска.

Честитајќи и’ го изборот на министерката во составот на новото владино раководство,
претседателот на СОНК, Неделков изрази надеж за успешна соработка и како што
рече, министерката доаѓа од наставничката фела и таа добро знае што им недостасува
на наставниците и каква е состојбата во образовните установи, очекувајќи поголеми
промени од тој аспект во следниот период.