МОН: Се работи на оптимизација на Платформата за онлајн учење

Министерството за образование  и  наука, информира дека течат тестирањата, на единствената Национална платформа преку којашто ќе се одвива наставата од далечина од први октомври годинава.

Тестирањето е дел од постапката за постигнување на целосна функционалност на платформата, и во тест фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици.  Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година тестирањата продолжуваат и во наредните денови.

Исто така, Министерството за образование и наука информира дека во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата.

Инаку, тестирањето почна денеска, откако учениците низ земјава,  викендов добија лозинки со кои им беше овозможен пристап до платформата.

Најпрво системот беше паднат, односно учениците и наставниците не можеа да дојдат до страницата, а потоа кога беше овозможен пристап, немаше можност за логирање.

Националната платформа за далечинско учење е достапна на адресата www.schools.mk каде може да се видат упатствата и прирачници, но и други содржини, кои ако се следат внимателно, на едноставен и лесен начин ги водат сите корисници низ платформата.

– Платформата функционира на следните ИТ уреди: десктоп компјутер, лаптоп компјутер, таблет и мобилен смарт телефон;
– Платформата функционира директно во веб прелистувач (Chrome, Microsoft Edge, Safari), и не е потребно да се инсталира дополнителен софтвер.

Со оглед на тоа што учебната година официјално започнува на 1 октомври, овие последни три дена беа предвидени за тестирање и прилагодување на платформата.

Учениците од 1 до 3 одделение ќе посетуваат настава со физичко присуство додека останатите ќе учат од дома. Владата денеска соопшти дека е приширената листата на училишта кои може да организираат настава со физичко присуство за ученици над 4 одделение. Шест члена комисија по разгледување на сите пристигнати барања, одлуши да даде согласност настава со физично присуство да се организира во 223 основни училишта, едно државно училиште за ученици со посебни потреби и едно државно музичко училиште.

За децата коишто немаат уреди за онлајн следење, ќе се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку националниот сервис, а ќе се доставуваат и печатени материјали и наставниците да бидат во постојана комуникација со нив за да го следат напредокот во учењето.