МОН попушти под притисокот на родителите, сите учиници ќе се запишат без дополнителни тестови


Министерството за образование и наука донесе одлука и во средното стручно училиште „Димитар Влахов“ во Струмица кандидатите кои конкурирале за упис во училиштето да не полагаат приемен испит, велат за „Независен весник“ од МОН.
Ваквата одлука Министерството ја донесе доцна синоќа, околу 21 часот, а со таа одлука 38 кандидати ќе бидат запишани во постоечката паралелка за медицински сестри.
Станува збор за одлични ученици, чии родители вчера во текот на денот инсистираа децата да бидат запишани во медицинска струка и не сакаа тие да бидат распределени да учат во други струки.
Вчера до пладне, од Министерството беа на став дека ќе има тестирање, но подоцна ја променија одлуката.
Инаку, полуматурантите кои конкурираа во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје ќе бидат распределени во постоечките паралелки. Нема да полагаат дополнително.
Ваква одлука беше донесена и за гимназијата „Орце Николов“ по притисокот од родителите кон институциите. (В.М.Л.)