МОН: ОУ „Рилиндија“ во Лојане ќе добие модерна спортска сала
Министерството за образование и наука продолжува со засилено темпо да инвестира
во образовната инфраструктура, со цел да им овозможиме на децата и младите подобри
услови за едукација и спортски активности, а наставниците и стручниот кадар да
добијат подобри услови за работа. Во Буџетот на МОН за 2023 година имаме 18,3
милиони евра за оваа намена, што е за 8,9% повеќе средства од тековната година. Дел
од овие средства ќе ги насочиме кон општина Липково, за што денеска разговарав со
градоначалникот Еркан Арифи, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири
по средбата.
Ученици од Лојане и Ваксинце, преку проект 145 сали, во ОУ „Рилиндија“ во Лојане,
ќе добијат модерна спортска сала, каде ќе ги реализираат часовите по физичко
воспитување, но ќе можат да се организираат и други спортски и рекреативни
активности. Министерот информираше дека ова не е единствената инфраструктурна
активност во кумановскиот регион.
Меѓу другото, се разгледува можноста за партерно уредување на ОУ „Антон Захо
Чајупи“ во Отља како и на реконструираното училиште „Дитурија“ во Липково.
Владата и МОН континуирано и подеднакво инвестираат во сите региони и општини
во државата, затоа што грижата за подмладокот на оваа држава е грижа за нејзината
иднина.