МОН обезбедило 1,4 милиони учебници, а учениците сепак фотокопираат


Фото: Независен весник

Министерството за образование и наука денеска се пофали дека преку откуп на учебници за кои министерството не ги поседува авторските права и преку печатење на оние кои се во сопственост на МОН, досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98% од нив, се веќе дистрибуирани.

Но, од друга страна пак, родителите на учениците од трето одделение, за кое годинава почнува новата концепција, велат дека добиле само два ученици, оние за шесто одделение уште ги нема, а учениците од седмо до деветто одделение во основното образование учат од стари и искинати учебници. За некои предмети некои ученици воопшто не добиле учебник, затоа што се толку испоинати што училиштето не им ги поделило. Насоките од наставниците се да си ги фотокопираат, а фотокопир во еден трговски центар во Скопје ги има сите учебници, па по нарачка ги фотокопира и ги продава на учениците. 

Покрај тоа што незаконски е да се фотокопираат учебници и да се дистрибуираат, токму од оние кои најмногу треба да ги почитуваат законите во државата, родителите добиваат насоки да го направат токму тоа.  

Инаку, МОН направи и споредба со состојбите од 2018 година биле набавени 823.604 учебници. Во 2019 се набавил тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници.

– Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен, за разлика од минатите години заклучуваат од МОН.

– Информираме дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача – додаваат од МОН.

За средното образование пак, велат дека по 15-тина години, за прв пат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така, етапно се печатат и испорачуваат до училиштата, (што значи учениците уште ги немаат) согласно искажаните потреби преку електронска апликација на министерството, пред почетокот на учебната година.

Учебниците треба да ги има и во електронска форма, но дел од оние повлечените (поради грешки во нив) и сѐ уште неодобрените или кој знае во која фаза стигнати учебници – ги нема онлајн, па залудно некои општини делеа таблети на учениците, кои требаше да им помогнат во следење на наставата (во случај на онлајн настава, која беше неопходна за време на ковид-пандемијата).