„Моменти“ – изложба на Марта Патлиџанковска во МКИЦ во Софија

Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер во 18:30 часот ќе биде отворена изложбата „Моменти“ на младата ликовна уметница Марта Патлиџанковска. Изложбата е составена од сликарски платна во голем формат, создадени во последните две години.
-Платна со големи димензии, работени во комбинирани техники, во кои доминира експресијата на бојата. Бојата ја има главната улога и ја создава линеарната и формалната структура на делото… Одушевена од колористичките експерименти, без однапред утврден концепт и дефинирана идеја, создава смели ликовни решенија кои припаѓаат на реалистичкaта ликовна сфера, со асоцијативен и симболички призвук… Во однос на тематската преокупација, Патлиџанковска ја издвојува мачката како главен мотив скоро во сите нејзини дела… и ја слика од своја перспектива – со нагласено спирални и искричави очи, во која се испреплетуваат елементи на симболичност и метафоричност, соопшти МКИЦ во Софија.
Организаторот на изложбата наведува дека Марта Патлиџанковска е уметница целосно фасцинирана од феноменот на бојата „и токму преку неа се обидува да нѐ внесе во својот сликарски универзум“.
Марта Патлиџанковска (1999, Скопје) во 2022 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на сликарство, насока реставрација и конзервација, во класата на Жанета Вангели. Веднаш по дипломирањето станала член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Имала самостојни изложби и учествувано во неколку групни изложби и на ликовни колонии.