Момче од Ниш по 42 дена во болница на кислород со Ковид-19 замина дома
„Белите дробови ми работеа 16 отсто, а црниот дроб почна да ми откажува“, вели Никола, кој не бил вакциниран затоа што не верувал на вакцините
Фотографијата на Никола Николиќ (26) од Ниш, Србија, кој по 42 дена лекување од Ковид-19 во болница беше пуштен дома, ја заинтригира јавноста кај нашиот северен сосед, но и регионот.
Тој не сакал да се вакцинира против корона, а сега раскажува низ каков пекол поминал поради тоа. Може да им заблагодари на лекарите што извлекол жива глава откако добил тежок облик на Ковид-19 затоа што не бил вакциниран.
За телевизијата Пинк вели дека не верувал во вакцината. За време на вклучувањето се гледало дека тешко дише и отежнато зборува, дури и се закашлал.
„Не бев… не бев вакциниран. Првите симптоми ги добив на 10 септември, но првиот тест беше негативен. Тогаш отидов во ковид-центар, каде добив уште еден негативен тест. Ми ги снимаа градите и добив терапија. Но, сатурацијата падна, не можев воопшто да дишам“, вели Никола, кој потоа бил префрлен на Инфективната клиника.
„Таму бев два дена, па ме префрлија на Клиниката за анестезиологија на новиот Клинички центар. Бев на кислород неколку дена, потоа беше најлошо, две недели во состојба пред респиратор. Потоа малку се подобрив, и уште две недели поминав на висок проток на кислород“, вели Николиќ.
„Белите дробови ми работеа 16 отсто, а црниот дроб почна да ми откажува. Сега оди на подобро, добар сум во моментот“, рече тој и им се заблагодари на лекарите од Клиничкиот центар кои му го спасија животот.