Молк од Тирана, драматизирања од Приштина за скандирањата во Куманово
Косовската петседателка Вјоса Османи изјави дека „Косово ќе го брани достоинството на Албанците каде и да се“, без да прецизира како

Додека во Албанија има речиси молк за антиалбанските скандирања на кошаракарскиот натпревар Македонија – Романија во Куманово, во Косово, и покрај многуте огради од македонскиот дтржавен врв, тие и натаму се драматизираат, што сугерира дека тоа што се случи кај нас се користи за политички пресметки во Приштина и, уште повеќе – преку политичките пресметки таму се влијае на позиционирањето на албанските политички партии во Македонија пред изборите.
Како поинаку да се протолкува недипломатската изјава на претседателката Вјоса Османи дека „Косово ќе го брани достоинството на Албанците каде и да се“, без да прецизира како, оставајќи простор и за толкувања дека можеби се заканува и со воена сила!
Освен што се поставува патронатски над Македонија и над Албанците во неа (како да не можат да се бранат сами), Османи практично му „објавува војна“ за достоинство и на премиерот во транзиција Албин Курти, кој веќе подолг период не успева да ја формира владата, бидејќи еден од партнерите на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија е ВЛЕН, чиј креатор и политички спонзор е токму косовскиот премиер.
Како и да е, Вјоса Османи го крена популизмот на најјако, заборавајќи дека тоа што се случи во Куманово не е изолиран настан (напротив, се случува многу често) и дека се случува и од албанска страна, како навреди кон народот, исвиркување на македонскиот јазик или палење на знамето на нашата држава, а никогаш досега таа не беше згрозена на ваков начин, за да порача дека се уриваат темелите за соживот.
Тоа што му даде политичка тежина на ова скандирање е само фактот дека премиерот и другите високи функционери присутни на натпреварот во Куманово не реагираа на скандирањата веднаш, но отпосле јасно и гласно ги осудија – од претседателката на државата, премиерот, министерот за внатрешни работи, министерот за спорт па до кошаркарската федерација – а Османи тоа упорно не го забележува.
Одамна е јасно кај нас дека ваквите националистички изливи добиваат на гласност во Македонија само пред избори, а граѓаните главно ги игнорираат, бидејќи веруваат дека се политички инструментализирани, и тоа не само од тие што се згрозуваат од нив, туку и од тие што се оградуваат, бидејќи и едните и другите сакаат да продаваат магла место да даваат отчет за неостварените ветувања. Затоа, реакцијата на Османи е политички неумерена, па и чист популизам, имајќи предвид дека не реагираше така кога на Денот на албанското знаме прославувачите го палеа знамето на Македонија, кога на Денот на албанската азбука беше исвиркан македонскиот јазик и кога навивачката група „Шверцери“ додека го демолираа МНТ ширеа навреди и користеа говор на омраза кон Македонците. Не реагираше ни кога албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку шокантно, по натпревар во Хрватска, ги псуеше Македонците преку мегафон и за тоа доби неколкумесечна суспензија.
Поентата е дека антиалбанските скандирања не се изолирана појава и дека, ако се залага за вистински соживот во Македонија, косовската претседателка ќе биде гласна и кога навреди ќе се упатуваат и кон македонската нација, па и дека е многу поискрено кога албанските политичари ќе ги осудуваат инцидентите предизвикани од албанските националисти, а македонските политичари – од македонските. Уште повеќе што настанот се процесуира веќе низ институциите (нешто што и самата го бараше), а министерот Панче Тошковски најави дека некои од учесниците во скандирањето биле повикани на разговор и обвинителството подготвува обвиненија.
Денес стигна веста дека и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) започнала истрага за антиалбанските скандирања: „Во оваа фаза, собираме релевантни извештаи и изјави, работејќи во тесна координација со вклучените национални федерации, како и со локалните власти и органите за спроведување на законот“, изјави ФИБА за Радио Слободна Европа. Од Федерацијата соопштија дека „безрезервно и цврсто го осудуваат говорот на омраза и секоја форма на дискриминација или расистички јазик. Активно го промовираме создавањето инклузивна и почитувачка средина за сите играчи, тимови и навивачи како клучен приоритет во спортот“, порачаа од ФИБА.
Според извештаите од натпреварот, скандирања како „Добaр Албанец е мртов Албанец“, „Гасна комора за Албанците“ и „Чиста Македонија“ се слушнаа во публиката на второто коло од квалификациите за Светското првенство во Катар во 2027 година.
Премиерот Христијан Мицкоски ги осуди „националистичките и ксенофобични скандирања“ во изјава на 4 август, два дена по натпреварот, што фрли дамка на неговото однесување. Тој уште рече дека, иако бил присутен на арената, „не ги забележал“ скандирањата од навивачите, тврдејќи дека ги упатила „мала група луѓе“.
„Сакам да ја искористам оваа можност да се приклучам во осудата на национализмот и ксенофобијата – пред сè за она што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа да испратам порака до сите навивачки групи: да поддржуваат на спортски начин, да го поддржат својот тим и македонскиот национален тим“, рече Мицкоски.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, рече дека неговото министерство не може конкретно да реагира на настанот, „бидејќи тој не доаѓа од ниту еден спортски субјект – доаѓа од навивачите на трибините – и ние немаме надлежност да реагираме кога станува збор за навивачите. Сепак, да упатам апел: во Македонија нема потреба од такви скандирања, ниту од едната ниту од другата страна, од никого, од која било страна да доаѓаат“.
Кривичниот законик на Македонија предвидува казни за расистички скандирања и говор на омраза во неколку членови, од кои најважен е членот 319, кој предвидува дека секој што јавно поттикнува или шири омраза, раздор или нетрпеливост врз расна, верска, етничка или национална основа ќе се казни со затвор – од една до пет години.
Претседателката Вјоса Османи, инаку има низок рејтинг во Македонија по скандалот што се случи на аеродромот во Скопје кога сакаше да помине без царинска контрола и притоа го повика обезбедувањето на спикерот Африм Гаши, покрај други политички потези. Генерално таа оцени дека „спортот треба да биде средство за обединување, а не платформа за темни идеологии кои евоцираат болни спомени и го загрозуваат мирот“, но отворено се замеша во внатрешните односи на Македонија со зборовите дека „Косово решително ќе го брани достоинството на Албанците, каде и да живеат“, потврдувајќи и овојпат дека, за разлика од властите во Тирана, не сфаќа дека меѓу нас има меѓудржавна граница.
И Косовскиот олимписки комитет ги осуди антиалбанските скандирања во Куманово велејќи дека „ваквите дејствија се неприфатливи и се спротивни на фундаменталните вредности на олимпиското движење, кои промовираат почит, еднаквост и солидарност меѓу народите“.
„КОК ги повикува одговорните институции да преземат конкретни мерки против говорот на омраза и сторителите на овие прекорни однесувања, кои немаат место во спортските настани“, се вели во објавата“. Претседателката на албанското собрание, Елиса Спиропали, пак, ги опиша навредливите скандирања против Албанците како неприфатливи.
„Говорот на омраза што поттикнува насилство, етнички конфликт и расизам нема место во ниту еден јавен простор, а камоли во спортот, кој во својата суштина го носи духот на единство, соработка, фер-плеј и почит кон другите“, рече таа.
Кај нас ДУИ порача дека најзагрижувачкиот факт било молчењето на присутните владини и државни претставници за настанот.
„Немаше институционална реакција, немаше морална осуда, немаше политичко дистанцирање. Само тивко одобрување, што за нас е исто толку сериозно како и самите хорови“, изјави ДУИ, која побара итна истрага за настанот, санкции против организаторите, јавно дистанцирање од Владата и вклучување на меѓународниот фактор за следење на ширењето на говорот на омраза и, како што рече, институционалниот национализам.
„Секој треба да знае: Нема да дозволиме земјата да се врати на арената на етничка омраза. Нема да дозволиме Албанците да станат цел на фашистички повици. Нема да молчиме, ниту сега ниту во иднина“, изјавија од ДУИ.
Во меѓувреме, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Блерант Рамадани, изјави дека молчењето на државниот врв во врска со настанот во Куманово е „морална и политичка соодговорност“.
„Во земја која се стреми да се приклучи кон Европската Унија, говорот на омраза не може да се толерира, релативизира или премолчи. Бараме итна истрага, примерна казна и итен институционален одговор“, напиша тој на Фејсбук во неделата.