Моќта на негласањето

ЗДРАВКО САВЕСКИ

 

Народот поседува моќ! Таа моќ не се гледа и не се чувствува тогаш кога самиот народ не посегнува по неа. Кога е така, властодршците го лажат, го крадат, го влечат за нос. А народот тоне во својата сиромаштија и во своето чувство на беспомошност, надевајќи се на спас де од едни де од други. Но, кога ќе му прекипе и кога конечно ќе ја употреби моќта што ја поседува, тогаш станува свесен не само за тоа колкава била неговата моќ туку и за тоа дека работите може да бидат драстично подобри од дотогаш.

Во Македонија повеќе од четвртина век – истото! Кој дојде на власт, инстантно заборава на изборните ветувања, ја користи власта за своја лична корист и за корист на олигархијата. И што се презема во врска со тоа? На следните избори се гласа за СДСМ за да се казни ВМРО-ДПМНЕ, па потоа се гласа за ВМРО-ДПМНЕ за да се казни СДСМ, па уште еднаш истото, па уште еднаш истото. До кога? До кога граѓаните ќе ја користат својата гласачка моќ да одредуваат кој ќе ги краде и лаже во следните години? Како може да се очекува дека ќе стане поразлично ако се постапува исто?

Мора да се направи длабок рез во македонската политика! И тоа не по 100 години, туку сега! Зошто сега? А до кога да чекаме? Додека ни помине животот? Додека не се иселиме сите? Додека не дојдеме до питачки стап? До кога? Политиката не мора нужно да биде валкана, не мора нужно да се води во корист на властодршците и газдите. Таква ја направија, зашто ние самите тоа го овозможивме. И затоа мора конечно да си го поставиме клучното прашање: до кога ќе дозволуваме вака да тераат работите?

Кога одново и одново го правиш истото, а тоа не дава ефект, кој е заклучокот што треба да го извлечеш? Си ги казнил ВМРО-ДПМНЕ гласајќи за СДСМ. Си ги казнил и СДСМ гласајќи за ВМРО-ДПМНЕ. И? Кој дојде – полош од претходниот! Чаре? Само по себе е јасно дека за излез од маѓепсаниот круг, првата работа што треба да се направи е да се престане да се постапува како досега.

Нас до ова дереџе во голема мера нè доведе гласањето за помалото зло. Гласајќи за помалото зло, нас ни станува сè полошо и полошо. Замислете се малку околу оваа горка вистина. Упорно се игнорира фактот дека и помалото зло е зло. Како може да очекувате добро да владее некој за кого и вие самите, кога сте гласале за него, сте знаеле дека е ист како претходните? И, што сега? Ќе се помириме со судбината? Ќе си кажуваме дека не може да биде поинаку? Не! Треба да свртиме нов лист. Ако гласањето за помалото зло нè доведе до ова дереџе, мора конечно да раскрстиме со тој наш дефетистички менталитет. Гласајте. Но, гласајте само кога сте убедени дека тие на кои им го давате гласот се добра опција. А кога не гледате ниту една добра опција, тогаш не гласајте за „помалото зло“, туку едноставно не гласајте.

Корумпираните врхушки што ја поседуваа власта овие 30 години досега беа многу комотни. Доволно им беше да ги убедат граѓаните дека другите лошо владеат, дека тие се помалку лоши од нив и – го добиваа гласот. Покажете поголем респект кон вашиот глас! Ако самите не го цените, како очекувате другите да ви го ценат? Едноставно не го давајте на никого за кого не сте убедени дека е добра опција. Па ќе видите како ќе почне друга песна да се пее од партиите, кога ќе испадне дека не можат со леснотија да го добијат вашиот глас.

На сите избори е важно да има пристојна излезеност, зашто тоа му дава легитимитет и на оној што ќе победи и на самиот процес. Но, излезеноста е особено важна кога станува збор за избори на кои има цензус. На тие избори граѓаните поседуваат дополнителна моќ, тие во рацете држат Демоклиев меч кој може да им пресуди на изборите. Па ако партиската понуда на изборите е незадоволителна, граѓаните преку негласање можат да предизвикаат поништување на изборите.

Па тоа е предизвикување на криза! Не, тоа е обзнанување на кризата! Тоа е давање јасно до знаење дека вака како досега понатаму не смее да се продолжи. Повторно ќе го поставиме прашањето: што аир сте виделе од гласањето за помалото зло, што аир сте виделе од гласањето за СДСМ за да го казните ВМРО-ДПМНЕ или од гласањето за ВМРО-ДПМНЕ за да го казните СДСМ? Време е конечно да им се испрати јасна порака и на двете партиски врхушки кои го крадат и лажат народот. Порака дека народот конечно се разбудил и дека повеќе нема да дозволи да го влечат за нос.

А што ќе се постигне ако пропаднат изборите? Ќе се распишат нови избори и пак ќе биде исто. Да ја видиме поблиску таа ситуација. Замислете ситуација во која огромното мнозинство од граѓаните одбиваат да играат онака како што им свират. И не излезат на гласање. А на избори излезат само партиските послушници на СДСМ-ДУИ-ДПМНЕ, само оние што се подготвени да тврдат дека црното е бело заради лична корист. И излезеноста испадне 20-25 проценти! Не само што изборите ќе бидат неуспешни туку и ќе се обзнани делегитимизацијата на двопартизмот кој фактички веќе е делегитимиран во очите на граѓаните. И ќе се распишат нови избори, но исто – нема да биде. Во услови кога народот извојувал победа над партиите кои три децении го лажат и крадат и кога тие партии ја почувствувале моќта на народот, друга песна ќе се пее. Во една таква атмосфера може и треба да охрабриме да се кандидира некој независен граѓанин, со углед меѓу народот, кој нема да им слугува на партиските врхушки на СДСМ-ДУИ-ДПМНЕ! А во една таква атмосфера, со народ кој ја сфатил својата моќ, не може да се исклучи и неговата победа на тие повторени избори! Затоа, нека не ве лажат дека ако не успеат овие избори, пак ќе било исто.

Имајте ги предвид и чудните правила што важат за претседателските избори. Имено, цензус има само во вториот круг, но не и во првиот. Тоа значи дека во првиот круг дури и само еден човек ако гласа, тоа ќе биде регуларно и ќе се закаже втор круг. Па работите на овие избори стојат вака. Прво, бидејќи само теоретски се шансите некој од кандидатите да освои мнозинство од вкупниот број избирачи (900.000 гласа), сигурно ќе има втор круг. Второ, со голема сигурност може да се каже кои два од тројцата кандидати ќе влезат во вториот круг. И трето, бидејќи цензусот во првиот круг ќе биде исполнет дури и само со еден глас, вашето гласање во првиот круг нема некоја реална важност. Во таква ситуација, една од опциите која ви е на располагање е да не гласате во првиот и да гласате само во вториот круг. И барем во првиот круг да им испорачате јасна порака на партиите што досега ве лажеле и краделе.

Повеќе од четврт век народот е обезвластен во системот во кој наводно тој владее. Го играат како сакаат, а тој самиот си ја редуцира моќта на право да одлучува кој ќе биде оној што ќе го лаже и краде во наредниот период. Тоа мора да престане! Крајно време е да свртиме нов лист! Да го испорачаме нашето незадоволство на изборите! Имаме моќ, преку протестно негласање, да ги здрмаме истовремено и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ!