МОК со промоција на ЕМОФ Скопје 2025 на „Outdoor and travel fair“ во Скопје Сити Мол

Во рамките на саемот „Outdoor and travel fair“, кој се одржува од 25 до 27 април во трговскиот центар Скопје Сити Мол, со свој штанд се претставува и Македонскиот олимписки комитет, како дел од активностите за промоција на претстојниот Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Штандот на МОК во Сити Мол е отворен за посетители од 11 до 18 часот.
Присуството на МОК на оваа манифестација е дел од пошироката иницијатива за вклучување на јавноста и подигнување на свеста за значењето на овој голем спортски настан, кој од 20 до 26 јули годинава ќе го донесе олимпискиот дух во Скопје и Куманово.
На штандот, посетителите имаат можност да се забавуваат преку различни интерактивни активности и игри, инспирирани од спортскиот и олимпискиот дух, како и да дознаат повеќе за самата мисија и вредности на ЕМОФ. Дополнително, сите заинтересирани кои ќе се пријават за волонтирање на фестивалот ќе добијат вредни подароци како знак на благодарност за нивната подготвеност да бидат дел од организацијата на овој престижен настан.
Штандот на МОК го посети и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој направи обиколка и даде поддршка на активностите што се реализираат во рамки на подготовките за ЕМОФ Скопје 2025.
Македонскиот олимписки комитет ги охрабрува сите граѓани да го посетат саемот, да се информираат, да се забавуваат и да станат дел од семејството на ЕМОФ Скопје 2025. Преку учество на саемот „Outdoor and travel fair“, МОК продолжува да го гради мостот меѓу граѓаните и олимписките вредности, претставувајќи го фестивалот како настан од национално значење што ќе донесе позитивна енергија, спортски дух и незаборавни моменти за сите учесници и посетители.
Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од
натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со натпреварите во гимнастика, кои ќе се одржат во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.
Покрај спортските натпревари, ЕМОФ Скопје 2025 ќе понуди богата културна и едукативна програма, со цел да се поттикне меѓукултурна размена, пријателство и солидарност меѓу младите спортисти од цела Европа. Фестивалот претставува значаен чекор напред за унапредување на спортската инфраструктура и меѓународната афирмација на Македонија, а истовремено е можност младите да се вклучат и да бидат дел од нешто големо, инспиративно и обединувачко.