Мојсова-Чепишевска: Од децата прво да направиме слушатели, па потоа да прераснат во читатели


Секој од нас мора да најде идеално време, што не мора да биде пред заспивање, кога на детето ќе му се направи навика да му се раскажува, да игра низ приказни и песнички. Вие не можете веднаш да направите читатели, ако прво не направите слушатели, рече професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Весна Мојсова-Чепишевска на онлајн-разговорот, по повод Меѓународниот ден на литературата за деца – 2 април.

Настанот беше насочен кон состојбата со литературата за деца во земјава, како и кон објавувањето книги за најмладите и како да се поттикнат читачките навики кај децата.

Мојсова-Чепишевска посочи дека не можеме да ги привлечеме децата кон македонски книги кога имаат седум или осум години и си имаат создадено свои навики. Не можеме, како што рече, ниту да ги забраниме мобилните телефони или видеоигрите.

-Но, тука ја гледам огромната улога на родителот, кој мора малку да се коригира. Ова не е опомена, туку сугестија. Да се врати оној момент на раскажување и прераскажување на приказни или учење песнички, додаде Мојсова-Чепишевска.

Професорката го води предметот Книжевност за деца на Филолошкиот факултет. Посочи дека студентите не знаат многу за новите домашни автори за деца и се задржуваат, пред сè, на оние лектирни изданија, па затоа смета дека листата со лектири треба да се освежува на две-три години и на децата во 21 век задолжително да им се понудат нови изданија.

− Кога доаѓаат на факултет, студентите се изненадуваат какви сè можности нуди предметот Книжевност за деца. Покрај задолжителните дела, нудиме и дополнителна нова литература. Секоја година се трудам да има нови домашни наслови и соработувам со издавачките куќи. Талентот на големиот писател се проверува најмногу кога ќе направи добра книга за деца. И голем автор за возрасни може да се препне и да не направи соодветна книга што ќе биде наменета за децата. На студентите им нудам листа книги што би требало да ги прочитаат и од таа листа потоа да одберат една книга што ќе ја истражат, ќе направат презентација и ќе ја претстават пред колегите, објасни на онлајн настанот Мојсова-Чепишевска.

Таа додаде дека до пред десет години продукцијата на изданија за деца не била на задоволително ниво, но денес понудата е сè пошарена и побогата, така што има вистински квалитетен избор.

Сепак, како што појасни, домашните автори треба да се ослободат од стегите и да обработуваат теми што се релевантни за денешните млади читатели и воедно ќе се охрабрат да навлезат во теми што сѐ уште кај нас се сметаат и за табу или не се толку актуализирани, (иако) се исклучително битни за самите деца.