Мојсоска: ВМРО-ДПМНЕ се среќаваше со ССМ кога беа опозиција – сега „не ги познаваат“


Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, оцени денес дека власта почнала војна со синдикатите и тоа од највисоката фигура во Владата – премиерот.

-Вчера Мицкоски изјави дека “ССМ станале портпароли на Левица и СДС и дека 7 години претходно не правеле ништо за зголемување на минималната плата.”

Или Мицкоски лаже или појма нема што правеле неговите пратеници во опозиција. Токму пратениците од ДПМНЕ (како опозиција) имале состаноци со синдикатот ССМ и ги поднесувале нивните амандмани за зголемување на минималната плата. Истите оние кои сега дрско ги одбиваат!

И пазете, Мицкоски изјавува дека владина комисија ќе ја утврдува легитимноста на раководството на ССМ. Како истото раководство беше легитимно кога пратениците од ДПМНЕ седеа на маса со нив?!

Премиерот Мицкоски најави дека нема да преговара за минимална плата со “нелегитимен” синдикат. Ама затоа е подготвен да преговара со претседател на Стопанска комора која учествуваше во картелско договарање на цените на маркетите и суров грабеж на народот, напиша пратеничката Мојсоска на Фесбук.

Птретходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски го повтори ставот дека ССМ одраборува за СДСМ.

-ССМ преповторува тези на СДС, целта им е да го закочат развојот на државата. Барањата за субвенционирани придонеси од страна на владата се камен за сопнување смислен од СДС, а реализиран од ССМ, кој е препознаен од народот како манипулација.Крајниот план на СДС е застој во развојот на државата, а ССМ под палка на Слободан Трендафилов кој одработува за неговата позиција е само алатка. СДС има за цел преку ССМ да ја закочи државата десетици милиони евра наместо во развој да се трошат на придонеси.СДС сака да нема нови патишта, болници, училишта, градинки. СДС сака да го запре развојот, кој веќе е воочлив.

СДС не може да се помири со фактот што државата тргна напред, а економскиот раст во последните два квартали од минатата година е над 3%.СДС се свесни дека со вакво темпо на развој на државата, тие уште толку ќе потонат во заборав, па преку вештачки наметнати теми сакаат да бидат актуелни. И за таа тема го користат ССМ и Трендафилов. Слободан Трендафилов ја злоупотребува својата позиција во ССМ и го внесува синдикатот во непринципиелни сојузи со политичките партии СДС и Левица.За претседателското место во ССМ, Трендафилов дебело одработува за СДС, соопшти Петрушевски.