Мохито


ЛЕЈЛА САБИТ

Имате за виртуелен, а не за вистински одмор?

Не сте поканети на црвен килим или коктел?

Сакате да ги имитирате убавиците од „Сексот и градот“?

Ова е рецептот за вас, за жешкото лето во Скопје.

Потребни се:

400 грама сонце, 400 грама море или планина, многу мраз, 200 грама целосно опуштање, локација по желба, поглед што талка на хоризонтот, кон убава природа, или во зајдисонце.

Приготвување:

Желбата, фантазијата и расположението се мешаат со очекувањата, трендовите, патувањата и жешките вибрации. Додавате алкохолни или безалкохолни пијалаци, омиленото овошје, малку љубов, повеќе страст и ронка лежерност.

Дегустација:

Вкусовите, боите и мирисите се релативни.

Коктелот може да биде проѕирен како водата, син како морето или небото, жолт како сонцето, зелен како алгите или розов како олеандерите.

На почеток е соленикав по вкус, како сол на тело или на коса, потоа станува сладок како овошен сладолед, а на крај може да ве удри во глава како средба со тазе морскиот воздух. Не се препорачува да се консумираат повеќе од два, може да ви се слоши.

Послужување:

Во егзотичен, модерен или традиционален амбиент.

Скап или евтин, на екс или пополека.

Во друштво, во двојка, но може и сами и со затворени очи.

Чашите ги следат облините на жената, со задолжително чадорче како украсна шнола.

Епилог:

Може брзо да ви се заврти во глава или подоцна.

Да ви предизвика еуфорија или да ве натера на спиење.

Наутро да имате тежок мамурлак или цела недела да ве тера на повраќање.

Поради мешање пијалаци, премногу на сонце, премалку на одмор, премалку во море, премногу желба, еуфорија, погрешен партнер, скапо сместување или локација.

На здравје со мохито!