Мохамед бин Салман: Одговорен сум за убиството на Кашоги оти се случи во мое време
Саудискиот принц Мохамед бин Салман првпат јавно го коментираше убиството на новинарот Џамал Кашоги, истакнувајќи дека тој е одговорен бидејќи се случило во негово време.
Ова е првпат Бин Салман да се огласи по повод бруталното убиство на новинарот во саудискиот конзулат во Истанбул.
– Целата одговорност е моја, затоа што тоа се случи за време на моето владеење, вели принцот во документарец на ПБС кој треба да се емитува на 1 октомври, на годишнината од смртта на новинарот.
И покрај обвинувањата од ЦИА дека тој го нарачал убиството, принцот го негира тоа.
На прашањето дали е можно да не знаел за убиството, принцот одговара дека Саудиска Арабија има 20 милиони граѓани и три милиони вработени, а на прашањето зошто убијците користеле владини авиони вели дека има министри кои надгледуваат се и се одговорни за се.
Кашоги, кој беше новинар и колумнист на Вашингтон пост, беше убиен откако влезе во Саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.
За убиството се осомничени 11 лица, но се одржани само неколку рочишта.